Вечерва претпремиера на комедијата Несфатената цивилизација
Вечерва со почеток во 20 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ ќе биде одиграна претпремиерата на претставата „Несфатената цивилизација“. Комедијата премиерно пред охриѓани ќе се најде во четврток на 13-ти април во 20 часот.
Прашањата за зачувување на нашиот социолошки и културолошки идентитет, како и универзалните теми за моралот, честа и етиката се основата на најновата театарска претстава во изведба на Народниот театар од Охрид, „Несфатената цивилизација“ работена по истоимениот текст на бугарскиот автор Добри Војников, напишан пред повеќе од век и половина.
Преку една многу интересна семејна драма прикажана на еден, комичен, ироничен па дури и гротескен начин, ние ги испитуваме овие прашања. Дали нашпиот идентитет, културолошки и социолошки, треба да се менува или да остане таков каков што е? Се отвара и прашањето за припадност, дали човекот од 21 век умее да припаѓа на конкретна заедница и се отвараат прашањата за моралот честа и етиката – рече Софија Ристевска Петрушева, режисер.
Станува збор за театарски производ, кој не било лесно лесно да се донесe и од чијшто резултат екипата е задоволна, вели Горан Стојаноски, актер во претставата. Самиот начин како е поставена и жанровите кои се испреплетени, ја прават една од претставите кои мора да се видат.
Треба да дојдат и да ја видат затоа што е несекојдневна и како сите претстави исполнети со енергија и оваа претстава ни звучеше чудно, некои од колегите играат жени, но очекувам публиката да ја оцени претставата како добра, како нешто за кое ние се ангажиравме 100% – објасни Горан Стојаноски, актер.
Актерскиот ансамбл овој пат е исклучиво машки, некои од актерите ги играат и женските ликови од претставата, некои и по неколку од ликовите, па така публиката оваа недела ќе може да ужива во актерската игра на Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Павел Маслов, Ивица Цонев и Филип Кипровски.
Билетите се по цена од 250 денари.