Skip to main content

Вејп цигарите не се „здрава“ алтернатива

Младите под изговор дека бараат поздрава алтернатива за пушењето се повеќе се вртат кон електронските цигари или вејп системите за загревање на тутунот. Но експертите, велат дека Вејп цигари може да се користат само како помошно средство за одвикнување. Во никој случај не се замена за цигарата или здрава замена за цигарата.
 |  инфодеск  | 
Вејп

Во контекст на опаѓачкиот пазар на производи од тутун, производителите бараат нови начини за испорака на никотин на начини што се сметаат за помалку штетни. Еден таков систем,  што излезе на пазарот беше IQOS, од Филип Морис Интернешнл. Со загревање на тутунот, производителите тврдат дека се ослободуваат помали количини канцерогени супстанци во споредба со согорувањето на тутунот во традиционалните цигари. Но, експертите тврдат дека тоа не е така. Таканаречените Вејп цигари, се замислени само и само како преодна алтернатива. Како еден транзитивен период, кога човек треба од пушење цигари да премине на нив и да ги пуши неколку месеци и да се откаже од пушењето.

„Електронските цигари и IQOS  цигарите кои се наметнаа сега како тренд посебно кај помладите, тие всушност се исто така штетни како цигарата, ниту се одобрени, ниту се поддржани од СЗО, па дури во првиот момент електронските цигари беа смислени како никотинска субституциона терапија. Во процесот на откажување од пушење, две недели до еден месец, електронските цигари се користеа како помошно средство за одвикнување. Во никој случај не се замена за цигарата или здрава замена за цигарата.“ – вели Др. Даниела Чингоска – Специјалист по социјална медицина и јавно здравје.

„Намалената изложеност на тутун во дел од производите кои се пласираат на пазарот не ги прави безопасни или пак помалку штетни за здравјето на граѓаните“. Ова во соопштение до медиумите го истакна Светската здравствена организација директно посочувајќи го просторот на електронските цигари кои на пазарот се промовираат како поздрава замена за цигарите кои имаат помалку штетно влијание на здравјето. Сите производи од тутун преставуваат ризик за здравјето и во таа насока Светската здравствена организација побара целосно спроведување на рамковната спогодба за контрола на тутунот. Загреаните производи од тутун се производи од тутун, што значи дека оваа рамковна конвенција целосно се применува и на овие производи,  велат од Светската здравствена организација. Во соопштението објавено од СЗО се вели дека кај уредите кои се замена за стандардните цигари има помало присуство на одредени аеросоли во споредба со стандардните цигари, но истражувања покажуваат дека во друга група на аеросоли состојбата е спротивна.

„Тие се исто штетни, исто содржат никотин и пропратни супстанции кои се исто така штетни и недоволно испитани, како точно влијаат  врз организмот на луѓето, така да, исто се штетни како цигарите, можеби и повеќе, ќе покаже времето и понатамошните испитувања. “ – вели д-р Чингоска

Со оглед на тоа што краток период се на пазарот, студиите за нивната штетност сеуште траат, потребно е време за прецизни податоци, објаснува д-р. Чингоска. Во македонскиот Закон за тутун и производи од тутун донесен во мај 2019 година, овие два продукта за прв пат се регулираат.  Во законот не се нарекуваат тутун за пушење, како традиционалните цигари, туку производи од несогорлив тутун. Паралелно со донесувањето на новиот Закон за тутун, тутунски производи и сродни производи, исто така во мај 2019 година, Собранието на Северна Македонија донесе измена на Законот за акцизи, поточно, додавање на износот на акциза за новите производи, односно за производите од несогорлив тутун и течноста електронските цигари.