Skip to main content

Велгошти чествува 115 години од Првата чета во охридско

Велгоштани чествуваат значаен јубилеј, 115 години од формирањето на Првата востаничка чета во охридско, поточно во Велгошти. По тој повод утре, 7 јули, четврток, во атарот на црквата Св.Петка достојно ќе го одбележат овој значаен ден. Настанот е организиран од Месниот Комитет.

 |  Николоска Биљана  | 

Воинствениот дух на велгоштани не замира ниту после 115 години. Тие се чувари на големото дело на петте војводи Христо Узунов, Андреј Христов, Наум Цветинов, Наум Златарев и Никола Костојчинов, кои тогашниот свештеник ги нарекол 5 реинкарнирани самоилови војници, како основоположници на првата чета на Христо, во охридско. За значењето на овој настан за ТВМ зборуваше Ѓоко Чингоски, директор на ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти.

„Со почетокот на тој настан се продолжуваат во Охрид движењата во организацијата. Не само близината на црквата Св Петка и на селото Велгошти каде е формирана првата чета туку посветеноста на велгоштани на таа организација и со тој чин се дава една важност на Велгошти и велгоштани. Во Велгошти за овој настан знаат и младите и возрасните, но пошироко значење не му е доволно дадено како што заслужува и се надеваме дека во иднина ќе му се оддаде вистинското значење, не само во Велгошти, туку и во Охрид. Во најновите откритија е забележано дека и мајката на Узунов присуствувала на овој настан“ – вели Чингоски.

За жал, досега, ниту една книга, публикација, брошура не е издадена за овој настан, освен информациите кои можат да се сретнат на интернет, забележува Чингоски. Тој смета дека во иднина, тоа треба да се промени, бидејќи историчарите веќе имаат истражувано за овој настан, но истиот не е афирмиран.

„Апелирам историчарите и од Националниот Институт на Македонија, малку да се позанимаваат со ова прашање и да им се оддаде значење и важност на оние што навистина се бореле за Велгошти и Охрид и за значењето на самата организација“.

Месниот Комитет на село Велгошти овој настан го организира и прославува од 2005 година. Чингоски смета дека крајно време е истиот да се чествува и на државно ниво.
Сите охриѓани и гости утре во 20 часот се поканети да учествуваат на одбележувањето на јубилејот на Првата востаничка чета во охридско која била формирана далечната 1901 година во присуство на Христо Узунов.