Skip to main content

Традиционално по седми пат

Велигденски Базар 2023 година

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, традиционално и денеска на плоштадот „Крушевска република“ се одржа Велигденски базар. Манифестацијата веќе седма година е промотор на ракотворбите изработени од вредните раце на охридските ученици и вработени во охридските компании. Денес беа изложени велигденски украси, сувенири и традиционални македонски специјалитети, а дел од собраните средства ќе бидат донирани во хумани цели.
 |  инфодеск  | 
Велигденски базар

Општина Охрид во соработка со ЈП „Градски пазар“ денес по седми пат го организира традиционалниот „Велигденски базар“ проследен со концерт и музичко сценски настап на охридските културно-уметнички друштва. Дел од собраните средства од купените производи, ќе бидат донирани во хумани цели.

Со купување на ракотворбите и производите, кои се изложени на базарот стануваме дел од една значајна мисија и стануваме позитивен пример за идните генерации – истакна Перчо Божиновски, заменик градоначалник на Општина Охрид.

Велигденски базар

Овој настан од година во година прераснува во интегрален дел од охридската туристичка разгледница како промотор на ракотворбите изработени од вредните раце на охридските ученици и вработени во охридските компании. Интересот, вели директорот на ЈП „Градски пазар“ Александар Попоски, годинава пријатно ги изненадил организаторите.

Имаме интерес голем. Суштината на овој Велигденски базар е локалните производители на традиционални македонски специјалитети, фирми и занаетчии да ги промовираат своите производи и со тоа и тие ќе станат дел од оваа хуманитарна мисија – вели Попоски.

Велигденски Базар

На голем број штандови на Велигденскиот базар годинава се претставија учениците од охридските основни и средни училишта, кои на посетителите им понудија најразлични производи, од вкусно подготвена храна и рачно изработени свеќи и накит, па се до здравствени услуги.

Ние сме од средното стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“, тука сме денес на нашите граѓани да им мериме крвен притисок и гликемија во крвта. Решивме оваа година и ние да бидеме дел од базарот со цел да ја подигнеме свеста кај граѓаните за чување на своето здравје.

Велигденски базар

Накитот е рачна изработка, го работевме со професорката по ликовно. Изработен е од глина, хартија, темпери, монистра и накитот е традиционален. Неколку дена се работеше, доста работа има, труд.

Ние почнавме со подготовките уште од вчера и подготвувавме храна, која ќе ја донираме хуманитарно за социјално загрозените лица, а и парите кои ќе ги заработивме ќе одат како донација. Со моите соученици подготвивме посна храна, бидејќи е пост во нашиот кабинет по готварство, велат ученици.

Исто така на базарот учество зедоа голем број заинтересирани фирми, занаетчии, слаткари, пекари, кои на базарот ги промовираат традиционалните охридски и македонски традиционални јадења и рачно изработени производи.

Оваа година ни е 4-ти пат како учествуваме, на сите им посакувам среќни празници. Се подготвуваме еден ден – кажа Елена Зенкоска Тупанческа од Слаткарница „Гордана“.

Производи од кожа, рачно изработени, рачно сошиени, нотеси, футроли, чанти, новчаници. Правиме и работилници со туристите, секој што е заинтересиран може да не контактира во нашиот дуќан кој се наоѓа наспорти пожарната и може да си направи производ по своја желба – рече Билјана Георгиевска од Книговез.

Велигденски базар

За прв пат годинава дел од Велигденскиот пазар беше и Младинскиот културен центар од Охрид.

Сите волонтери од МКЦ се приклучија. Ни требаше подолго време. Станува збор за голем празник, плус е хуманитарна акција за Бојан – вели волонтерка од Младински културен центар.

Како и секогаш и општинската организација на Црвениот Крст на ниво на нивната хумантарната мисија. На свој штанд на базарот имаа ракотворби и домашни колачи и кутија за донации за помош и поддршка на ранливите категории граѓани, во духот на големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Ние сме овде пензионерки повеќе работиме како волонтери и им помагаме на старите лица кои живеат сами и немаат помош – рече Горка Донеска, волонтер во ОО Црвен крст Охрид.

Во забавниот дел од настанот пред насобраните гости и охриѓани настапија КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“; КУД „Отекс“,; КУД „Фаланга“; КУД „Филиграни“; КУД „Илинден“, учесниците на детскиот – музички фестивал „Распеано рибарче“, малите ѕвездички со КА – Двојче, најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“ и учениците од општинските основни училишта.

Велигденски Базар

Велигденскиот базар има хуманитарен карактер и дел од собраните средства од продажба на производите ќе бидат донирани онаму каде што е најпотребно.

Велигденски базар