Велигденски базар во Охрид во духот на хуманоста и заедништвото
Голем број граѓани го посетија традиционалниот Велигденски базар, кој по десетти пат го организира Општина Охрид во соработка со ЈП „Градски Пазар“. Манифестацијата се одржа на плоштадот „Вангел Наумоски“, привлекувајќи посетители од сите генерации.

„На овој велигденски базар земаат учество, значи, повеќе занаетчии и за овие што се, да речам, што изработуваат ракотворби, различна традиционална храна, пијалаци. Најбитно што е на овој базар е да напоменам дека е од хуманитарен карактер. Значи средствата што ќе бидат собрани се донираат онаму каде што е најпотребно. Исто сакам да го искористам овој момент да им се заблагодарам на сите учесници, посебно на школите, на децата што зедоа учество на овој базар, а воедно и да му го честитам на сите христијани празникот Велигден.“ – изјави Александар Попоски – Директор на ЈП Градски Пазар.


На штандовите беа изложени велигденски украси и други рачни изработки. Своите креации ги претставија ученици од основните и средните училишта, локални компании, занаетчии, како и слаткари и пекари. Посетителите имаа можност да вкусат дел од традиционалната македонска кујна, меѓу кои пити, ѓомлезе, месени производи и слатки.

„За многу години да ни е Велики четврток, нашиот христијански празник. Денес дојдовме со дечињата да ги покажеме изработките и нивната креативност да се порадуваат тука. Иначе собиров ни е од хуманитарен карактер.“ – изјави Јовановска Жаклина – негувателка ЈУДГ „Јасна Ристеска“.


„Денеска сме дел од овој Велигденски базар. Направивме храна домашно изработена и украси. Ние ги паковаме, ги продаваме и од големо значење е да сме дел од овој Велигденски базар, пред се да си го представиме нашето училиште, а и да помогнеме на оние на кои им е најпотребно.“ – изјави Софија Кецкаровска – ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“.



Базарот претставува можност за промоција на креативноста кај младите, но и за поттикнување на заедништвото и соработката меѓу институциите и граѓаните.

„Ние како здружение веќе неколку години наназад си организираме и повеќе интерни вакви настани, посебно и за Велиден. Меѓутоа, оваа година се вклучивме на Велигденскиот пазар. Малку производи имаме кои што се и нас дадени како донација, меѓутоа гестот е голем да учествуваш на еден хуманитариен настан. Ние средствата и од овој настан и од настанот кој што го имавме во недела делумно ќе ги употребиме за нашата програма за превенција кај деца од дијабет, меѓутоа дел ќе донираме. “ – изјави Димче Каневче– Здружение на лица со дијабет Охрид.

„Како претставници на Младинскиот центар да кажам дека ни е мило што сме веќе неколку години присутни и сме дел од овој велигденски, предвелигденски хуманитарен базар, бидејќи, како што можете да видите, првично е многу добар настан за заедницата, за општо кај нас како град, предпразнична атмосфера. Времето се погоди. И мислам треба уште повеќе вакви настани да се прават, не само кога се празници, бидејќи ја зближува заедницата. Ете соработка меѓу училишта, меѓу институции и општина го крева духот на заедницата и треба заедничка поддршка и ево заеднички може да изгледа нешто многу интересно и убаво. “ – изјави Јован Цветкоски – МЦО.
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, базарот ја збогатува празничната атмосфера во градот а воедно и ја поттикнува хуманоста и сплотеноста во заедницата.

„Сите оние изработки коишто ги имаат учениците од основните и средните училишта, од самите институции коишто сакаат да се претстават пред граѓаните и всушност да ја поддржат онаа цел којашто е и на самиот базар, а тоа е хуманоста. Да покажеме уште еднаш дека сме хумани. Во духот на големиот празник Велигден, токму хуманоста, солидарноста, да помогнеме еден на друг, заеднички сплотени. Токму и тоа е пораката којашто ја дава овој базар.„ – изјави Перчо Божиновски – Претседател на Совет на Општина Охрид.
Настанот беше збогатен со богата културно-уметничка програма, во која настапија деца од детските градинки, основните училишта, како и фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Охрид, создавајќи топла и празнична атмосфера.




