Велосипедски празничен викенд во Охрид
Со особени успеси можат да се пофалат учесниците од велосипедскиот клуб ЕкоДром од Охрид.
Сончевото време околу 1ви Мај го донесе до совршенство велосипедскиот празничен викенд во Охрид. Патешествијата започнаа на 28ми Април со Велокамп 2012, каде учесниците имаа организирано ноќевање, за да продолжи наредниот ден со државниот друмски натпревар кој носи бодови на ранг листата на Македонија. Натпреварот се одржа на релацијата Охрид-Струга-Дебар, односно по течението на реката Црн Дрим. Инаку оваа патека се вози за прв пат по 20 години. На 30ти Април се одржа и рекреативен маратон низ неколку струшки села, за на 1ви Мај да се одржи веќе познатиот натпревар во планински велосипедизам на патеката „Крсти“. Во организацијата на оваа трка се вклучи и националниот парк „Галичица“.
„Една од нашите цели пред четири години кога ја пуштивме во употреба првата патека за планински велосипедизам токму да стигнеме до ова ниво до кое што сме денес на Галичица да се одржуваа голем број на домашни и меѓународни натпревари. Ова е првиот државен натпревар оваа година кој што се бодуваше, а можам да кажам дека работиме за догодина за прв пат да се одржи и едно балканско првенство во кое што учество ќе земат велосипедисти од целиот Балкан.“-вели директорот на Националниот парк „Галичица“, Зоран Ангелоски.
Александар Јованоски од велосипедскиот клуб ЕкоДром од Охрид задоволен од велосипедскиот викенд, но со особено задоволство проговори за планинската трка на патеката „Крсти“.
„Учество зедоа 6 клубови од државно ниво и севкупен број од 38 велосипедисти. Патека која што навистина бара физичка и психичка подготвеност но и добро техничко познавање затоа што се потрудивме односно со сето ова се трудиме оваа патека да ја донесеме до еден висок стандард.“-рече Александар Јованоски-Велосипедски клуб ЕкоДром-Охрид
За пофалба, девет медали отидоа во рацете на велосипедистите од ЕкоДром. Од овој натпревар со медал се закитија Теодора Алексиоска прво и Сара Пешликоска со трето место-жени, во класата хоби, Михаил Тасески прво и Јаков Јованоски-трето место. Потоа кај јуниорите второ место за Андреј Хаџивасилев и трето за Христијан Николоски. Додека комплетна доминација на Екодромци имаше во класата кадети каде првите три места отидоа во рацете на Јован Јованоски кој го освои првото место, Петар Упевчески второто и Новица Велјаноски третото место.
{loadposition content9}