Skip to main content

Спорт

Веслачки клуб доби Швајцарска донација

Донирана е веслачка опрема која ќе овозможи возобновување на водениот спорт на Охридското езеро. Донацијата пристигнува кога се одбележуваат 9 децении од формирањето на првиот веслачки клуб во Охрид.
 |  Валентина Неловска  | 
веслачки чамец

Охридскиот веслачки клуб Горица – Ремо доби вредна Швајцарска донација. Донирани се шест веслачки чамци, четверци, скифови и скулови, како и додатна веслачка опрема, информира Кирил Пецков, градоначалникот на Охрид.

„Досега во Охрид нема ваква опрема нити еден клуб. Се надевам дека во наредниот период со соодветна подготовка ќе имаме и Олимпиец од овие дисциплини “, кажа Пецаков.

Донацијата ја обезбедија Ерика Масини и Томас Фонбург , пријатели и вљубеници во Охрид, езерото и веслањето. Иницијативата за донација на веслачката опрема е на Ерика Масини, воспитувачка во градинка, која од 2005 година постојано доаѓа во Охрид и има бројни пријатели.

„ Јас сум заљубена во Охрид. Имам многу пријатели тука. Со години доаѓам во Охрид. Со моите пријатели од Швајцарскиот веслачки клуб решивме да ја поддржиме иницијативата на охридскиот веслачки клуб. Среќни сме што се вклучивме во заштитата на езерото“, изјави Масини.

Томас Фонбург е веслач со над пет децениско искуство. Шеф е на финансискиот оддел на веслачката федерација и организатор на веслачки регати во Швајцарија.

Јас сум пасиониран веслач , а кога Ерика ме замоли да се ангажирам во овој проект веднаш се вклучив. Се надевам дека веслањето ќе се развива на убавото Охридско езеро“, вели Фонбург.

Стефан Ставрев , од ВК „Горица -Ремо“, напоменува дека охриѓани покажуваат интерес за водените спортови , покрај едрењето и за веслањето.

Со пријателите од Швајцарија, веслачкиот клуб од Биобен, една година работевме на донацијата. Со ВК„Горица-Ремо “ заедно со здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ ќе им овозможиме на младите охриѓани и туристите да ги учат вештините на веслање и едрење, на водните спортови“, напомена Ставрев.

Швајцарската донација, од веслачки чамци и опрема, пристигна на Охридското езеро на одбележување на 90 годишнината од почетокот на формирањето на првиот веслачки клуб Југ во Охрид. Почетоците на веслањето датираат од далечната 1932 година, за пред неколку години да згасне традицијата на градскиот веслачки клуб. На свеченото примање на донацијата присуствуваа ветерани и поранешни веслачи од охридскиот клуб, кои се радуваат на возобнување на веслачкиот спорт во Охрид.