Skip to main content

ЈЗУ Општа болница Охрид

Во Охрид одржан VI Меѓународен конгрес на медицински сестри, техничари и акушерки

Особено значајно беше учеството на претставниците од ЈЗУ Општа болница Охрид, кои преку своите стручни излагања споделија искуства од секојдневната сестринска практика.
 |  инфодеск  | 

Охрид викендов беше место на значаен професионален собир посветен на сестринството – VI Меѓународен конгрес на медицински сестри, техничари и акушерки – Охрид 2026. Конгресот беше исполнет со стручни предавања, размена на знаења и искуства, професионални средби и дискусии за предизвиците со кои се соочува сестринската професија, како и за можностите за нејзино унапредување.

Особено значајно беше учеството на претставниците од ЈЗУ Општа болница Охрид, кои преку своите стручни излагања споделија искуства од секојдневната сестринска практика.

Билјана Андоноска, главна медицинска сестра на ЈЗУ Општа болница Охрид, се претстави со темата „Сестринско лидерство во современиот здравствен систем“, со акцент на улогата на медицинските сестри во организацијата, раководењето и унапредувањето на здравствената грижа. Милка Маленко, одговорна медицинска сестра на Хируршкото одделение, ја презентираше темата „Менаџирање на здравствената грижа во услови на дефицит на медицински персонал: предизвици, стратегии и превенција на професионалната исцрпеност“. За влијанието на работниот стрес врз секојдневната работа и квалитетот на грижата за пациентите говореше Ангела Апостолска, медицинска сестра на Хируршкото одделение, со излагањето „Влијанието на работниот стрес врз квалитетот на сестринската грижа“.

Посебно значење на Конгресот му даде и присуството на младите генерации, идните медицински сестри и техничари. Токму пренесувањето на знаењето и искуството, поддршката на младите кадри и нивното вклучување во професионалниот развој се важен предуслов за иднината на сестринската професија.