Skip to main content

Видео надзорот во охридскиот студенски дом драстично ги намали штетите

Појавите од типот кршење врати, инвентар, шкртање по ѕидовите, оштетување на прекинувачите за струја, во охридскиот студенски дом, сведени на минимум. Тоа се должи на видео надзорот кој минатата година беше инсталиран во овој објект. Средствата кои биле инвестирани за овој зафат, веќе биле повратени со она што во минатото се трошело за поправка на штетите кои ги правеле студентите, обелоденува директорот Маријан Ристески.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Сто проценти се намалени штетите во Студенскиот дом Никола Карев. Тоа се должи на одговорноста и посветеноста на менаџерскиот тим кои работат на подобрување на условите во студенскиот дом. Како што обелодена првиот човек на домот Маријан Ристески, минатата година бил поставен видео надзор, а со тоа значително се подобрила и  безбедносната состојба во објектот.

„Она што беше проблем да се лоцира вината на студентите во заедничките простории. Објективно ние во самите соби правиме записник и вршиме контроли тука можеме да најдеме виновник во случај на утврдување на штета. Меѓутоа во заедничките простории ходниците, ресторанот многу е тешко да се утврди вината на студентите преку овој видео надзор тоа го сведовме на минимум, бидејќи во минатото имавме појави од типот на кршење разбивање на врати, шкртање по ѕидови, оштетување на прекидачи“ – вели Ристески.

Со видео надзорот елиминирана е појавата на т.н илегалци, за која како што тврди директорот во нивниот дом не ни била присутна во минатото. А што се однесува до дискреционото право на студентите, тоа е загарантирано со закон тврди директорот Ристески.

„Ние постапуваме согласно законот и видео надзорот е воспоставен на оние места каде што е дозволено со законот, обезбедено и поминато кај сите надлежни институции, изготвени се сите потребни акти така да во целост се почитува приватноста на студентите и на вработените“

Објектот на Студенскиот дом Никола Карев во моментов има 32 безбедносни камери.