Skip to main content

Ohrid running weekend

(ОБНОВЕНО) Викендов Охрид трчаТ по шести пат

1300 спортисти и рекреативци од 18 држави ќе бидат дел од шестото издание на спортската манифестација „Охрид Трчат”, која од утре до недела ќе се одржува во Охрид. Организатор на атлетскиот викенд е клубот „Охрид ТрчаТ“ со поддршка на Општина Охрид.
 |  инфодеск  | 
Охрид трчат

Охрид по шести пат викендов ќе пулсира со спортско рекреативната манифестација „Охрид трчаТ“. Ова е еден од неколкуте препознатливи настани со кои може да се пофалиме и кои гордо ги претставуваме пред светот, истакна денеска градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Тој упати покана до сите љубители на спортот овој викенд да го посетат Охрид и да бидат дел од публиката.

Бројката од над 1300 пријавени учесници од 18 држави, кои викендов ќе трчаат во Охрид ја поставува оваа манифестација високо на листата од врвните спортски настани, не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион. Убеден сум дека и овогодинешното издание на „Охрид Трчат” ќе биде уште еден вистински спортски спектакл, кој ќе испрати силна порака за поголема афирмација на трчањето и здравите спортски навики. Јас како градоначалник ќе бидам секогаш подготвен за соработка и за поддршка на вакви настани, кои се одржуваат надвор од шпицот на летната сезона и настани кои можат да дадат придонес за поголема промоција на Охрид како туристичка дестинација – рече Пецаков.

Охрид трчат

Официјалната програма започнува со Ноќната ревијална трка од 2 км која ќе се одржи утревечер со почеток во 21 часот по што ќе следува хуманитарен концерт.

Во сабота предвидени се серија на активности меѓу кои Панел дискусија на тема Детска атлетика. Главните трки на 5 и 21 километар ќе се одржат во недела на 5-ти јуни.

Во 8:30 часот стартува трката на 21 километар и штафетната полумаратонска трка, во 8:35 часот стартува рекреативната трка на 5 километри. На полумаратонот и на штафетната трка имаме 330 учесници, а на трката на 5 км имаме 980 учесници. Концептот на Ohrid running weekend значи дека три дена имаме континуирано активности, трки, концерти, хуманитарни акции, промоции  и навистина агендата којашто ќе ја имаме од утре значи една голема одговорност за нас, но и голем предизвик ние и Охрид да се претставиме пред европската и светската спортска јавност како што доликува – кажа Иван Цветкоски од АК „Охрид трчаТ“.

За време на манифестацијата во период од 3 часа додека траат трките во недела ќе бидат затворени за сообраќај улиците во централното граско подрачје и Стар град како и изминатите години, со една промена. Оваа година поради реконструкцијата на „Македонски Просветители“ трката е пренасочена по улиците „Мите Богоески“ и „Даме Груев“.

Охрид трчат

Сакам да укажам на сите охриѓани и гости да бидат дел од Охрид Трчат, односно да излезат на улиците и да ги поздрават и поддржат учесниците како што доликува на Охрид, на еден европски и светски туристички град. Како и претходните години што беа трпеливи и оваа година да покажат разбирање и трпение затоа што се работи за три часа затворен сообраќај на овие улици, а потоа ги поканувам на Кеј Македонија да се дружиме на забавната програма – порача Јоне Станкоски од АК „Охрид трчаТ“.  

Дел од професионалната трка се македонските најдобри маратонци, рекордерите Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова. А во рекреативната трка ќе учествува и градоначалникот Пецаков на кој денеска му беше доделен неговиот учеснички број од страна на организаторите на „Охрид Трчат”.