Петто издание на „Охрид Вино Фест“ со повеќе винарии, повеќе храна и богата музичка програма

Од 25 до 27 јуни Охрид повторно ќе биде во знакот на виното, музиката и гастрономијата. Петтото издание на „Охрид Вино Фест“ годинава ќе понуди богата музичка програма, учество на дваесетина винарии и проширена гастрономска понуда. Фестивалот кој започна како локална иницијатива, денес прераснува во препознатлив бренд на градот и значаен туристички настан што го означува почетокот на летната сезона во Охрид.

„Огромно е задоволството кога ја имате најавата на петтото издание на Охрид Вино Фестивал, еден бренд којшто навистина со гордост, како Општина Охрид, го носиме. И можеби од самиот почеток, кога нешто ќе треба да се направи, треба да се соберат повеќе сили, меѓутоа уште повеќе треба да се организира тоа понатаму и истото да прерасне во традиција. Знаејќи дека целта на Општина Охрид е токму промоција на туризмот и на културата, меѓутоа и да го раздвижиме оној период на сите денови од самата летна сезона. И токму овој фестивал значи и почеток на оние настани коишто ќе ги имаме понатаму и коишто ќе следуваат летото. “ – изјави на денешната прес конференција , Перчо Божиновски, претседател на Совет на Општина Охрид.
На фестивалската сцена ќе настапат повеќе македонски музички имиња. Првата вечер ќе настапат група „Сарај“, Дани Димитровска и „Меморија“. Вториот фестивалски ден е резервиран за „Брос и Марама“, Ѓоко Ѓорчев и Катерина Танева, „Куку Леле“ и „Пауза за ракија“, додека завршната вечер ќе настапат „Солзи и смеа“, Диџеј Фиц, Битолскиот камерен оркестар и „Суперхикс“.
Организаторите годинава најавуваат побогата винска и гастрономската понуда. Посетителите ќе можат да дегустираат ризница на вкусови од над 200 сорти ароматични вина по промотивни фестивалски цени.

„Оваа година пак ќе имаме повеќе сорти на вино, повеќе винарии и повеќе храна. Така што, баш би сакал да дојдете и да ја видите различноста од минатата година, која оди на подобро. Секоја година, како што кажа и претседателот, ние се трудиме овој фестивал да биде сѐ подобар и подобар. Така што, петтото издание сигурно и сега ќе биде најдобро досега. Секоја година имаме стандардни поддржувачи од поголемите винарии во Македонија, но имаме и нови винарии кои се појавуваат. Освен охридските, имаме и една нова винарија чиј сопственик работи во Microsoft. Тој е наш Македонец кој живее во Сиетл. Оваа година новата винарија ќе биде „Душа“, која ќе ги презентира нивните девет врсти на вино. Така што, тоа е еден новитет на овој фестивал, имаме нова винарија која ќе ја презентираме и би сакал да ги пробате нивните вина. Така, отприлика, плус-минус ќе има дваесетина винарии.“ – кажа Пане Темов, организациски одбор на „Вино Фест“.
Организаторите, нагласуваат дека нивна цел е преку македонското вино, македонската музика и локалната гастрономија да го промовираат Охрид како водечка туристичка дестинација во регионот. Нивна проценка е дека во трите фестивалски дена во Охрид на фестивалот ќе има од 50 до 100 илјади посетители. Oрганизаторот соопшти дека во иднина повеќе ќе се работи на организирана посета од странски туристи на фестивалот за што веќе постоел интерес кај странски туристички агенции. Фестивалот се одржува со поддршка на Општина Охрид, а во организација на CRAFT продукција.




