Три зарежани пенушки со надеж дека тоа ќе донесе здравје, бериќет, многу грозје и вино. Лозарите денес ги посетуваат своите лозја и ги закројуваат незапупените гранчиња. Ова се верува дека ќе донесе богат род, благо вино и дека ќе го штити лозјето од штетници и невремиња. По зарежувањето, стеблото од лозата се полива со вино и ракија од ланската берба. Во православното христијанство, свети Трифун е познат по чудата што ги правел. Една од приказните вели дека свети Трифун ја спасил царевата ќерка која била болна.
Лозарите се достојни на својата традиција секоја година на 14 февруари го одбележуваат празникот со закројување на се уште незапупените гранчиња, ритуал во кој веруваат дека ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино.
Според житието Светиот маченик Трифун роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.
Денес , пак католичките верници го слават Св. Валентин. Денот на вљубените, празник што станува се популарен и кај нас. Вљубените си разменуваат љубовни пораки, си подаруваат цвеќе, чоколади, кадифени мечиња и подароци во облик на срце, а излозите на продавниците се украсени со најразлични подароци во црвена боја. Легендата вели дека Свети Валентин живеел во Рим за време на императорот Клаудиј Втори, кој започнал и водел многу војни, при што имал тешкотии да собере војници.Вината за тоа ја нашол во брачниот и љубовниот живот на потенцијалните борци и затоа забранил склучување веридби и бракови.Валентин, кој бил свештеник, и покрај строгата забрана ги венчавал вљубените. Поради тоа бил уапсен, мачен и убиен токму на 14 февруари 269 година од нашата ера. Два века подоцна е прогласен за светец.