Високите температури и наглите промени на температурата го зголемија бројот на пациенети во амбулантите на Кардиолошки центар Охрид
Екстремно високите температури како и наглите промени на температурата негативно влијаат врз здравствената состојба на кардиолошките пациенти и на останаттите хронично болни. Деновиве амбулантите на Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања се полнат. Пациентите се жалат на тешко дишење, брзо заморување, главоболки, вртоглавици, проблеми со концентрација.

„ Она што би сакала да истакнам се варијации на крвниот притисок, огромни варијации на притисокот дури и во едно деноноќие. Значи имаме варијации од многу високи вредности до вредности кои се под нормалата. Зборуваме и за новопојавени хипертензии но и за хипертензии кои дотогаш биле сосема добро регулирани со редовна терапија , а во овај период тешко се регулира. Исто така имаме и многу чести пореметувања на срцевиот ритам, новопојавени аритмии или повторна епизода на веќе дијагностицирана аритмија.“ – вели Д-р Билјана Теговска – директорка на Кардиолошки Ценатар Охрид.
Во последните години поради климатските промени овие екстремни температури, посебно високите температури се се почести и со самото тоа овие појави кои негативно влијаат на пациентите се се почести и повидливи, вели директорката на охридскиот Кардиолошки центар, д-р Билјана Теговска.

„ Во светот веќе се достапни и голем број на научни студии кои се прават со години наназад на огромен број на пациенти и коишто емпириски ги докажале овие наши запазувања односно покажале дека екстремно високите температури влијаат врз зголемена смртност на пациентите со кардиоваскуларни заболувања. Екстремните температури кај сите луѓе влијаат негативно но посебно наглите промени на температурата како што се случи оваа година , па и предходно, дополнително овој ризик го обремени и го направи повидлив па така и бројот на пациенти во нашите амбуланти се зголеми. “ – посочува д-р Теговска.
Покрај советите за справување со најчестите ризик фактори за кардиоваскуларното здравје , регулиран шеќер во крвта, регулирање на крвен притисок, регулирање на покачените масти во крвта, оптимална телесна тежина, престанок со пушење, за периодот на високи температури пациентите и воопшто сите граѓани треба да се придржуваат до познатите препораки за избегнување престој на отворено од 10 до 17 часот, да се носи светла и лесна облека, да се заштити главата, да се пијат доволно течности и да се конзумира лесна храна, а хронично болните редовно да ја примаат препишаната терапија.