Високите температури го зголемија бројот на интервенции во „Кардиолошко“, докторите на приправност
Од „Кардиолошко“ апелираат за почитување на препораките за изложување на сонце, но и пиење на течности, престојување во затворени и разладени простории.
Заводот за кардиоваскуларни заболувања последниов период работи со засилено темпо. Високите температури и топлото време го зголемија бројот на пациенти кои со ваков тип на симптоми се јавиле во оваа здравствена установа. Не ретко, пациентите кои се јавиле со некаков симптом поради топлото време биле и странци, односно туристи кои престојуваат во градот. Зголемувањето на температурата на воздухот значи и зголемување на телесната температура на човекот, а организмот се обидува да ја задржи нормалната телесна температура од 37 степени. Токму тој момент е опасен особено за луѓето кои веќе имале некаков кардиоваскуларен проблем-појаснува д-р Марија Зимбова од Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“.
„Човечкиот организам се труди да се прилагоди на тие топлини, се појачува потењето, со потењето се зголемува пулсот, паѓа притисокот, така да сето тоа ги потенцира сите тие проблеми кај луѓето кои што веќе имаат некаков ризик фактор за кардиоваскуларно заболување и може нормално да доведе до инфаркти.Во овој период, во нашата болница зголемен е бројот на случаи кои доаѓаат со акутни миокардни инфаркти посебно е зголемен бројот на луѓе кои доаѓаат со некаква градна болка, варијации на крвниот притисок. Зголемен е бројот и на амбулантните пациенти, и на пациенти кои доаѓаат за лекување, во интензивна нега.“-вели д-р Марија Зимбова-Завод за кардиоваскуларни заболувања-„Св.Стефан“.
Д-р Зимбова појаснува дека во овие периоди на повисока температура кога на сила се и препораките за неизложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, треба да се избегнуваат и изразени физички активности.
„Ние нели препорачуваме како болница за превенција на кардиоваскуларни заболувања за сите пациенти препорачуваме пешачење, или некаква физичка активност од типот пливање, возење велосипед, меѓутоа во овој период сите тие активности се ограничени во некој рани утрински часови, 6-7 часот наутро иако гледаме дека од 7 сатот се повисоки температурите или навечер после 8 часот веќе кога малку ќе паднат температурите, во тие часови дозволено е пешачењето и некоја друга физичка активност, а во овој другиот период кога е висока температурата сето тоа треба да се избегнува.“-рече д-р Марија Зимбова-Завод за кардиоваскуларни заболувања-„Св.Стефан“.
Таа препорачува заради избегнување на некои посериозни состојби, престојување во затворени климатиризани простории во критичниот период од 11 до 17 часот или седење во затемнетиот дел од куќата или станот каде и температурата е пониска, потоа носење облека во светли бои, пиење доволно течности и земање на редовната терапија бидејќи често кај пациентите со кардиоваскуларни заболувања доаѓа и до паѓање на притисокот. Секоја појава на некој симптом веднаш да се пријави и да се дојде на преглед. И покрај зголемениот обем на работа, д-р Зимбова вели дека докторите се во приправност и можат да ги примат сите пациенти.