Витезите на слепите со нова донација за своите штитеници
Лавовите од лајонс клубот „Охрид“ уште еднаш ја покажаа својата хуманост.
Лајонистите од лајонс клубот „Охрид“ со донација за нивните штитеници. По повод Денот на белиот стап, тие се одлучија за уште една донација до Здружението на слепи лица од Охрид. Претседателот на лајонс клубот „Охрид“, Ѓоко Апостолов вели дека се надева дека со нивните хумани заложби ја потврдуваат целта и мисијата поради која постојат.
„Лајонистите се познати како витези на слепите. Ние оваа година од лајонс клубот „Охрид“ четврта година по ред вршиме донација на здружението на слепи лица. Како и минатите години, така и оваа година се потрудивме во соработка со ова здружени да им донираме дел од оние средства односно опрема за дополнување и дооформување на нивната канцеларија и нивните простории каде што ова здружение работи, за опремување на самите простории.“-рече претседателот на лајонс клубот „Охрид“, Ѓоко Апостолов.
Претседателот на Здружението на слепи лица од Охрид, Славчо Џајкоски ја потенцираше успешната соработка која ја имаат со лајонс клубот „Охрид“. Вели дека ваквите донации се единствен начин на кој ова здружение може поквалитетно да се грижи за неговите членови.
„Морам да изразам голема благодарност до лајонс клубот „Охрид“ од името на Здружението на слепи лица и од сите слепи лица од Охрид. Веќе четврта година имаме донација од страна на лајонс клубот на одредени средства и за опремување на просториите, дури и директно дониравме за семејствата и за опремување на некои домови на слепи лица. Соработката тече и понатаму со лајонс клубот „Охрид“. Можам да истакнам дека тоа се многу хумани луѓе кои наоѓаат време, можност и средства да помогнат на овие лица.“-вели претседателот на здружението на слепи лица, Славчо Џајкоски.
Средствата за оваа донација лајонс клубот „Охрид“ ги обезбедил дел преку своите хуманитарни настани, а дел преку членарината на неговите членови. Инаку со средствата кои лајонистите ги донираат на Здружението на слепи лица, ќе бидат набавени печатари, бела техника и други помали, но неопходни средства за нормално функционирање на ова здружение.
{loadposition content9}