Skip to main content

Владата усвои заклучоци за Охридскиот регион

Владата ќе ги спроведува препораките од УНЕСКО, издаде задолженија до министерства, установи и општините

Владините заклучоци се донесени по посочувањето од предлагачот, Министерството за култура, на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО, потенцирани од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО.
 |  Голабовски Крсте  | 

Владата на последната седница ја разгледа и ја усвои Информација за потребата од преземање на итни мерки за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Владините заклучоци се донесени по посочувањето од предлагачот, Министерството за култура, на препораките од реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО, потенцирани од Комитетот за светско наследство при УНЕСКО. Задолжено е Министерство за животна средина и просторно планирање да донесе Одлука со којашто ќе ја задолжи ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид да изработи приоритетна листа на клучни живеалишта од национално и европско значење и листа на статус на видови според IUCN класификација на загрозени приоритени видови на риби, безрбетници и алги во Охридско Езеро.

Управата за заштита на културното наследство, во посочени рокови, да достави насоки до надлежната установа – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид, имајќи предвид дека членот 59-ѕ од Законот за градење не е правен основ за доградби, надградби и реконструкции во старото градско јадро на Охрид.

Министерство за транспорт и врски се задолжува, а се укажува на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, во прецизирани рокови, секој во рамките на своите надлежности да започнат со отстранување на бесправно изградените објекти за коишто се издадени правосилни решенија за отстранување и за коишто се обезбедни финансики средства за остранувањето.

Задолжено е Министерството за транспорт и врски, а им се укажува на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма.

Исто така, задолжено е Министерттвото за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата – Охрид, да формира Работна група за изработка на анализа на пловила во Охридското Езеро со пресметка и на капацитетот на носивост на пловила во Охридското Езеро.

Задолжено е Министерството за култура, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство да изработи Нацрт-верзија на Предлогот на законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.