Владата додели по 30.000 денари помош за настраданите од невремето во Тетово
Владата додели по 30.000 денари помош за настраданите од невремето во Тетово.
Утре и задутре, ќе бидат прогласени денови на жалост по синоќешното невреме кое одзеде четири човечки животи, а според првичните проценки во тетовско штета претрпеле и околу 200 објекти.
Според, изјавата на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, вчерашното невреме е една од најголемите несреќи во градот под Шара во последните 30 години.
Владата на денешната вонредна седница посветена за состојбите во Тетовско донесе одлука државата на настраданите семејства да им исплати еднократна парична помош од по 30.000 денари. Специјална Комисија ќе ја проценува состојбата со оштетените имоти на терен. Комисијата во рок од ден-два треба да утврди список на семејства на кој ќе им биде доделена еднократна парична помош. Потоа ќе продолжат со проценка на оштетување на имотите од поплавите по што ќе биде утврдена и висината на штетата и помошта што ќе ја даде Владата.
Агенцијата за конфискуван имот, согласно заклучоците од седницата, ќе додели помош за семејствата со различна опрема, обувки, алишта со кои располага, а пак, настрадните семејства имаат потреба. Посебна сметка ќе биде отворена за донации за помош, а формирано е и координативно тело кое ќе ги менаџира активностите што ќе ја следат з ситуацијата за справување со последиците од невремето.
Центарот за јавно здравје во Тетово, пак, ќе ја следи состојбата со исправноста на водата за пиење и поплавените улици.
Помош за општина Тетово веќе испратиле градовите Скопје, Струмица, Велес и општина Чаир.