Од среда, па до крајот на април, свежите домати нема да може да се продаваат по цена повисока од 70 денари за килограм, свежите краставици ќе може да се продаваат најмногу 70 денари за килограм, цената на кромидот најмногу 60 денари, карфиолот најмногу 70 денари, зелените пиперки најмногу 90 денари, гравот најмногу 75 денари, леќата не повеќе од 110 денари, бананите најмногу 70 денари, портокалите најмногу 55 денари, мандарините најмногу 60 денари, а лимоните не повеќе од 55 денари за килограм.
Лимитираните цени денес на прес конференција ги објави министерот за економија Крешник Бектеши и посочи дека овие цени важат за сите, како за маркетите, така и за пазарите.
Во соработка со министерството за земјоделство, Царинската управа направивме целосна анализа, посебно за овие производи. За овие производи маржите достигнувале и од 200 до 250 отсто во текот на март. Разговаравме и во делот на намалување на царините. Сите увозни цени се калкулирани со вградена царина, затоа не стои образложението дека се плаќаат зарини од 30 или 40 отсто па затоа цените се зголемени. Не е вкалкулирано само ДДВ-то од пет отсто – рече Бектеши.
Со новите замрзнати цени, производителите и трговците нема да имаат загуби, посочи министерот и ги повика сите трговци на овошје и зеленчук целосно да ја почитуваат одлуката.
Очекуваме од крајот на април и во почетокот на мај откако ќе почнат да се пласираат нашите домашни производи на овошје и на зеленчук, дополнително да има зголемување на конкуренцијата која ќе влијае и на намалување на цените. Убедени сме дека во април ќе има едно од најголемите намалување на цените генерално во државата, а посебно на храната и на енергенсите – рече Бектеши.
Владата веќе ја замрзна цената на дел од производите за хигиена, на тестенините, млечните производи и на белиот и полубелиот леб до 450 грама.
Од почетокот на донесувањето на владините одлуки за „замрзнување“ на цените на одредени производи до денеска спроведени се над 1.800 инспекциски надзори и одлуките генерално се почитуваат, вели в.д директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски. Изречени се и казни кои вкупно надминаа 2.5 милиони денари. Во зависност од големината на правниот субјект, казните се движат од 800 до 10.000 евра.