Владата донесе одлука за понатамошно замрзнување на цените на основните производи и ги замрзна цените јајцата и оризот, со што нивото на нивните највисоки цени треба да останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Овие цени треба да важат до 30 април 2023 година.
Тој додаде дека трговците кои се регистрирани за вршење на трговска дејност имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца во количини што редовно се прибавувале во јануари и февруари 2023 година.
Во изминатиот период утврдивме значаен пораст на цените на ориз и јајца како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи. За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел да се спречи евентуален дис баланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, производителите најмалку 70 проценти од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што се набавувала во јануари и февруари 2023 година – изјави Ковачевски.
Просечната цена на јајцата на 15 март изнесувала околу 8,5 денари, а најскапото чинело 9,8 денари зависно од пакувањето, амбалажата и трошоците што ги имале компаниите, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Многу е важно да се нагласи дека е зголемена побарувачката за производоството на јајца од државава особено од нашите соседи каде што цените се движат од 14 до 20 центи и нагоре. Тоа значи дека ако се дозволи целосен извоз повеќето заради економски интерес би можеле да го насочат целото производство во соседните држави – рече Бектеши.
На денешната седница на Владата е разговарано и за евентуално замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, а анализите што ги направило Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство треба да се достават до Министерството за економија и до Кабинетот на премиерот.