Владата изготвува Национална стратегија за справување со насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам
Владата на РМ изготвува Национална стратегија за справување со насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам, како превентивна мерка за ефикасно справување со тероризмот и сите негови појавни форми и облици.
Македонија мора да има стратешки пристап кон актуелните теми како што е насилниот екстремизам, радикализам, тероризам и менаџирање на кризни ситуации и не смееме да дозволиме екстремистички организации да се споротивставуваат на нашиве вредности за универзални човекови права, еднаквост пред законот демократија и целосно функционирање на нашето општество, истакна Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на втората Конференција за справување со верски екстремизам, која што се одржува во Охрид. Спасовски истакна дека првите чекори за јакнење на капацитетите на државата како одговорна Влада веќе ги презеле односно започнале со изготвување на посебна стратегија за борба против насилниот екстремизам и тероризам, за што била формирана и работна група.
„Не само законска подготовка што ја направивме претходно за репресивно делување на државата, туку од исклучиво значење за РМ и за успешна борба против насилниот екстремизам и тероризмот е да имаме превенција пред се, да имаме ресоцијализација на лицата кои што се радикализирани. Ние знаеме дека од РМ имавме наши државјани кои што се бореа на воените подрачја во Сирија, Авганистан и Ирак и од тој аспект Владата на РМ формираше национален координативен центар за борба против националениот екстремизам и борба против тероризмот“
Во име на мисијата на ОБСЕ во Скопје се обрати амбасадорката Нина Суомалаинен. Таа рече дека насилниот екстремизам и радикализацијата, кои што водат до тероризам, генерално биле еден од приоритетите на ОБСЕ и на нивната мисија во Скопје. Додаде дека ја поддржуваат соработката и координацијата на сите субјекти кои што се борат против овој феномен.
„Соработката помеѓу безбедносните служби и органите за спроведување на законот и комуникацијата помеѓу нив секако е многу важна, но исто така многу е битно да се обрне внимание на превенцијата“
Присуството на се поголем број на жени и деца во редовите на „странски борци“ како феномен се повеќе загрижува истакна проф. Злате Димовски. Тој исти така загрижен е и поради индоктринацијата залажувањето на младите, посебно децата.
„Заминуваат таму водени од некакви мотиви претпоставувам дека се финансиски барем досега немаме релевантни и потврдени податоци за тоа од каде и за што доаѓаат, но во основа заминуваат таму, претпоставувам дека материјалниот мотив е оној кој што води и опасноста е што истите тие сепак немаат изградено карактер, не се полнолетни и многу лесно може со нив да се манипулира и тие се потенцијални евентуални извршители на некакви си терористички акти“
Инаку Втората конференција за справување со верски екстремизам, деновиве се одржува во Охрид, на тема „Справување со предизвици од растечкиот верски екстремизам: Менаџирање и преговори во кризни ситуации предизвикани од верски екстремисти“. Конференцијата е организирана од Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) и Министерството за внатрешни работи.