Владините спотови за туризмот го налутија Петрески
„Ако сакаа да не научат на гостопримство, спотовите ќе ги направеа на македонски наместо на англиски јазик.“-вели Петрески.
Македонски езерски келнер, македонска пансионска газдарица, македонски алфа мажјак, ова се некои од насловите на неколкуте владини спотови кои деновиве ја брануваат целокупната јавност, а особено охридската. Владината кампања ,,Ти си лицето на твојата земја, од туризмот сите добиваме “ го налути и првиот човек на Охрид, градоначалникот Александар Петрески.
Тој остро ги осуди овие спотови со кои, како што вели , се валка честа и достоинството на сите македонски граѓани и побара итно запирање на емитувањето на спотовите. Тој вели туристите секогаш се воодушевувале од убавините, чистотата и гостопримството на Охрид. Градоначалникот Петрески напомена дека години наназад се работи на темата на гостопримството во Охрид и дека очигледни се големите подобрувања на тој план.
„Ние сигурно дека треба да продолжиме да работиме на тоа. Исто така и училиштата, средното угостителско училиште, па и Факултетот за туризам работат на оваа област, а сите заедно треба уште повеќе да бидеме подобри во овој дел. Меѓутоа не е ова начин на кој треба да се настапува пред странците. Значи тие доаѓаат овде, не фалат од секој аспект, ние самите бидејќи спотовите се правени за странскиот пазар на англиски, значи самите ние се негираме во она што тие не фалат.“-рече градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
Петрески вели дека очекува зад неговата иницијатива за стопирање на емитувањето на овие спотови да се приклучат и средното угостителско училиште и Факултетот за туризам и вели дека е изненаден што барем досега од таму немало никаква реакција. Тој вели дека ова не е прв пат Охрид да добива анти-реклама.
„Вие паметите наназад пред секоја туристичка сезона нешто му се случува на Охрид. Знаете во минатото излегуваа китови или не знам што излегувало ајкули, не знам водата била загадена, не знам што. Секогаш тоа се случувало пред сезона и мислам дека ако тоа го прават несовесни туристички агенции кои имаат поголем профит ако однесат македонски граѓани и други туристи надвор од Македонија наместо да ги донесат во Охрид дека трката по профит сепак не треба да биде во толкава мера за самите против себе да зборуваме.“-вели Петрески.
За крај Петрески додаде дека јасно му е дека секој што работи и греши, но кога сите укажуваат дека е направена грешка, а не се презема ништо да се поправи тогаш тоа е сосема погрешен пристап. Тој побара од Државното обвинителство , Антикорупциската комисија и сите надлежни институции под итно да го расчистат овој скандал и да ги казнат оние што немилосрдно трошеле пари да си ја омаловажат татковината.
{loadposition content9}