Влезот на Охрид од сеуште не е уреден
Влезот на Охрид од северозападната страна и покрај ветувањата сеуште не е уреден. Од ЈП „Охридски Комуналец“ велат дека тендерот кој бил распишан за систем за наводнување на овој простор, пропаднал. Ќе се распишува нов тендер, па уредувањето ќе сепролонгира до наредната туристичка сезона.
Северозападниот влез на Охрид сеуште не е хортикултурно уреден. Освен куќарката во стилот на старата охридска архитектура и една стрелка која е направена од левата страна на патот кога од Скопје доаѓаш за Охрид нема ништо друго што би асоцирало на тоа дека тука е влезот во најголемиот туристички центар во Македонија. Од ЈП „Комуналец“ ветија дека просторот кој меѓу охриѓани е познат како кај петљата ќе биде уреден, ќе биде засадено зеленило, дрвца и цвеќиња, ќе бидат поставени и некои други содржини, а старите ќе бидат отстранети. Но еве и оваа сезона пристигна, а тоа не се направи.
Проект постои за уредување на влезот на Охрид кај популарно наречената петља. Но тендерот кој беше распишан за систем за наводнување затоа што без систем не можеме да функционираме, нема услови за одржување на никакво зеленило, тендерот пропадна затоа што фирмите кои беа пријавени на тендерот не ги исполнуваа условите, вели Љупчо Грданоски- директор на ЈП „Охридски Комуналец“.
Ние губиме време, но мораме да ги запазиме законските норми и сите делови на јавни набавки како би ја завршиле работата коректно и законски, објаснува директорот на „Комуналец.“
Ќе се распишува нов тендер меѓутоа постапката трае околу триесет дена, па потоа ќе следи монтажа на системот, па садење на растенијата. Поради тоа ќе задоцниме за оваа сезона, но за наредната сигурно ќе го имаме правото лице и целиот проект кој е замислен ќе биде реализиран, вели Грданоски.
Се чека и да завршат градежните работи на автопатот Охрид Скопје бидејќи со проширувањето на овој патен правец тука ќе има и некоја измена на сообраќајниот режим и ќе има поинаков влез на Охрид. Од општината велат дека дел од одговорностите за уредувањето на овој простор треба да превземе и Агенцијата за патишта бидејќи се работи за магистрален пат кој е во нивна надлежност.