Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: Мешањето на приватните бизнис интереси и интересот за развој на градот беше својствено за времето на СДСМ

Тие велат дека постои забуна кај советниците од СДСМ бидејќи како што велат проектот за малото пристаниште е едно, а проектот за изградба на марина е сосема друго. 

 |  Мишел Наумоски  | 
malo pristaniste

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања до советниците од СДСМ Охрид дека проектот за малото пристаниште го користат за политички маркетинг. Координаторот на владеачката партија, Илија Арнаудоски вели дека СДСМ прави обиди за извртување на вистината и класично манипулирање со јавноста во врска со реализацијата на проектот за изградба на малото пристаниште.

Ilija Arnaudoski„Веројатно од СДСМ- Охрид и од советничката група се збунети од големиот број на проекти кои истовремено се одвиваат во Охрид и притоа измешале дека реализацијата на овој проект ќе биде финализирање на проектот за изградба на мала марина на Охридското Езеро. За да не бидат збунети ги известуваме дека се работи за две различни активности и дека покрај овој комплекс, Охрид ќе добие и нова голема марина. Знаеме дека за нив не е својствено но сепак кога веќе ги измешале поимите очекуваме да ја пофалат локалната самоуправа дека конечно после 40 години се нашло решение на овој проблем.“-вели Арнаудоски.

Во делот кој се однесува на физибилити студијата, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се правеле опсежни анализи за оправданоста на проектот за малото пристаниште.

malo pristaniste proekt„Две години посветено работиме на реализацијата на овој проект вршејќи анализи и пресметки околу целоисходноста на овој проект . Сите проекти беа содржани во физибилити студијата изработена од реномирана консултантска куќа која за жал советниците на СДСМ- Охрид не најдоа време да ја прочитаат. Ние сме решени да правиме коренити промени во Охрид, да ја збогатуваме туристичката понуда во градот затоа што нашите мерки даваат резултати. Помешувањето на бизнис интереси со интересите за развој на градот е својствено за едно друго време кога СДСМ владееше со Охрид и за среќа на охриѓани никогаш повеќе нема да се повтори поглед на работите од тој аспект.“-рече Арнаудоски.

На прашањето како ги коментираат јавно изнесените ставови на дел од советниците од нивната советничка група кои говореа против зацртаната идеја за малото пристаниште, од ДПМНЕ велат дека тие се отворена и демократска политичка партија во која секој има право да си го каже своето мислење, но не дадоа одговор зошто конкретните советници не присуствуваа на нивната денешна прес конференција.