ВМРО НП: Се вршат притисоци врз доверителите за да се откажат од побарувањата кон општината
Од Народна велат дека очекувале порадикални мерки за напредок на општината.
ВМРО Народна партија даде своја оценка на досегашното работење на новата локална самоуправа. Тие сметаат дека во изминатите 100 дена се правеле само куртоазни средби со одредени групи на граѓани, се асфалтирале некои помали улици, и одржувале манифестации кои години наназад биле одржувани. Од ВМРО Народна прашаа што е различно во поставувањето на урбаната опрема, освен новата давачка за угостителите за закуп на просторот. Од Народна сметаат дека најавуваните изградби на нова автобуска, затворен пазар и катна гаража веќе требало да се започнати, бидејќи за сите нив има изработени проекти.
Претседателот на ВМРО Народна, Ванчо Костоски најжестоко реагираше на најавениот начин за справување со долгот на општината.
„Во соработка со доверителите према општината ќе се намалел долгот. На кој начин? Луѓето ни се жалат кајнас дека се врши огромен притисок и од владини повереници кои доаѓаат во Охрид и од јавната администрација да овие бизнисмени кои имаат побарувања се откажат и од каматите, и од судските такси бидејќи многу од нив веќе имаат започнато судски постапки и дури и од парите кои треба да се платат на извршителите, а знаете тоа е такса која што треба да се плати на државата, дури да се откажеле и од дел од главниот долг. Па јас мислам нека се откажат од се, па да почнеме од нула. Ова не се прави на партнерски начин, ова се прави со притисок.“-вели претседателот на ВМРО Народна партија, Ванчо Костоски.
Костоски реагираше и на тврдењата од страна на локалната самоуправа дека се справува со тешката ситуација во јавните претпријатија, а кои се наведени во брошурата издадена повод првите 100 дена од новата локална самоуправа.
„Точно е дека поголем дел од јавните претпријатија не се во добра кондиција бидејќи и општината не е. Но кажаа дека почнало редовно плата да се зема. Комуналец редовно плата зема и сега и минатиот пат, ЈП „Градски пазар“ земаше редовно плата. ЈП „Билјанини извори“ имаше 2-3 плати, сега 4 доцнат. Можеби има мало поместување само ЈП „Градски гробишта“. Другото јавно претпријатие „Погребални услуги“ за три месеци не видовме ништо. Ајде во тој период не им даваа лиценца, но сега ниту го разработуваат ова јавно претпријатие, ниту го прекинуваат со работа.“-рече Костоски.
ВМРО Народна со забелешки и за справувњето со превработеноста во општинската администрација.
„Нажалост сме политичка држава во која вработувањата одат по политичка линија, а не по едни нормални процеси. Но сето тоа им падна во вода со самиот факт што само за три месеци над 80 до 90 нови вработувања има направено во сите јавни претпријатија и локалната самоуправа. Кога таква превработеност имало, а вие вработувате уште 80-90, веднаш паѓаат демагошките кажувања на ВМРО-ДПМНЕ дека има превработеност. Или и тие се притиснати како сите политички партии од членството?“-запраша Костоски.
Костоски ја советуваше новата локална самоуправа доколку сака општината да тргне по вистинскиот пат, ќе мора во што поскоро време да ги реализира најавените катни гаражи, новата автобуска, затворениот пазар, затворениот базен како и многу позначајни улици низ градот кои би го олесниле сообраќајот.
{loadposition content9}