Skip to main content

Во чест на големиот празник, синоќа во Велгошти се одржа манифестацијата „Ноќ спроти Илинден“

Во рамки на манифестацијата беше изведена монодрамата „Македонија ќе роди нови борци-вие ќе живеете во срцата наши“, во изведба на познатиот македонски актер Роберт Ристов.
 |  инфодеск  | 

Синоќа, пред спомен обележјето на Илинденците во селото Велгошти, се одржа културната манифестација „Ноќ спроти Илинден“ како дел од програмата за одбележување на големиот празник Илинден.

Ноќва спроти Илинден гордо со крената глава славиме за македонскиот непокор за слобода и државност. Илинден е празник кој врзува две епопеи и еден идеал, за слободна и независна Македонија. Синови и ќерки се бореа сонот за слободна Македонија да стане јаве. Двата Илиндена 1903 и 1944 година се темелите на македонската држава, јазик и идентитет, истакна во своето обраќање градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

-Наше е да го сочуваме наследеното, да ја осовременуваме и прилагодуваме на модерното време нашата мила татковина притоа вешто чувајќи ги нашите традиции, обичаи и култура. Да создаваме подобри услови за живот на нашите деца и идни поколенија, да не ги бркаме туку да ги вратиме дома крај родните огништа. Заедно да ја доградуваме и осовременуваме нашата Македонија. Започнавме и заедно со вас ќе продолжиме здравствено, образовно и инфраструктурно да ја усовршуваме затоа што татковината не се сака со зборови туку со дела, рече Пецаков.

Во рамки на манифестацијата беше изведена монодрамата „Македонија ќе роди нови борци-вие ќе живеете во срцата наши“, во изведба на познатиот македонски актер Роберт Ристов. Се одржа и настап на фолк пејачката Елена Велеска, како и домаќинот, КУД „Илинден“ од селото Велгошти.

Денеска, на 2-ри август навршуваат 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ.