Во рамките на социјално – хуманитарниот младински проект „Стопли нечиј дом и срце”, волонтерите од Клубот на млади при Црвен крст Охрид и културолошка иницијатива „5 до 12″ организираат поетско читање под познатото мото „Имам нешто да ти кажам”.
Целта на активноста е повторно да го рашириме уметничкиот дух на младите Охриѓани во ова предновогодишно издание на „Имам нешто да ти кажам”, и со заеднички сили да му помогнеме на нашиот сограѓанин Петар Попоски на кој му се потребни финансиски средства за лекување, информираат организаторите.
Петар има 22 години и боледува од ретка болест поради што му е неопходна хируршка иинтервенци која не може да се изведе во Македонија. Потребни се околу 50 илјади евра за Петар да се оперира во Турција.
Ги покануваме сите граѓани на овој настан за заедно да покажеме уште еднаш колку се Охрид и Охриѓани хумани, порачуваат организаторите.
Настанот е со почеток во 19:30 часот, во четврток во кафе бар „Шила“. Влезница е 150 денари.