Skip to main content

Центар за јавно здравје Охрид

Во ЦЈЗ Охрид од јануари и анализи за респираторни инфекции со молекуларна дијагностика

Од следнава година нови анализи во Центарот за јавно здравје Охрид. Пософистицирано и побрзо утврдување на причинители на респираторни инфекции со помош на молекуларна дијагностика . Паралелно со воведувањето на нови методи и осовременување на постоечката и воведување нова опрема во центарот неопходна е и екипираност на персоналот,  за да се одговори на потребите на пациентите од поширокиот регион. 
 |  Маја Савиќ  | 
Сашо Точков

Од месец јануари, следнава година, во Центарот за јавно здравје Охрид се очекува да биде проширена листата на анализи со новата лабораториска опрема за молекуларна дијагностика, со воведување и респираторен панел за анализи на респираторни инфекции.

„Во план сме да воведеме респираторен панел, со кој сите најчести респираторни инфекции, овде особено кај децата, ќе може да се откријат и дијагностицираат и понатаму да се третираат од страна на педијатрите.“ – вели директорот на Центарот за јавно здравје Охрид, Сашо Точков.

Тоа ќе значи пософистицирано, попрецизно и побрзо утврдување на вирусите, бактериите како причинители на респираторни инфекции. А тоа се овозможи со најсовремената  апаратура и целосно автоматизиран систем за молекуларна дијагностика кој неодамна го воведе Центарот. Екипираноста е многу важна кога станува збор меѓудругото и при воведувањето на нови методи и анализа. Во Центарот навистина фали персонал, вели директорот Сашо Точков додавајќи дека веќе е доставено барање до Министерството за здравство и Министерството за финасии.

Kај нас по пат на пензија замина голем број на кадар, и лекари и медицински сестри и мораме тоа да го надополниме и се надевам дека ќе имаат слух од министерствата, со цел да ги задоволат нашите амбиции во овој регион да овозможиме брз, лесен и професионален пристап и задоволување на потребите на пациентите. Тоа е и целта на нашата институција и се трудиме да одговориме на сите барања на нашите пациенти и со воведување на нови методи и осовременување на постоечката и воведување нова опрема.“ – велиТочков.

Центарот за јавно здравје,  со новата технологија која претставува врв во дијагностиката во моментов,  е достапен за сите пациенти од регионот на Охрид, Струга и Кичево кои имаат потреба од лабораториска дијагностика за типизирање на ХПВ вирус и определување на кламидија трахоматис инфекции со PCR метода. Трошоците за овие како и за новате анализи на респираторни инфекции кои за брзо ќе се воведат, се покриени од Фондот за здравствено осигурување.