Skip to main content

„Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“ – акција на охридскиот младински клуб за артивизам

Под мотото „Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“ денес на градскиот кеј членови на Младински Центар Охрид во соработка со Младински образовен форум (МОФ) Скопје организираа акција за подигање на свеста кај заедницата, особено кај младите за заштита на Охридското Езеро и животната средина.
 |  инфодеск  | 

Денеска на Кеј Македонија охриѓани и гостите фотографираа скулптура направена од пластични отпадоци. Уметничката инсталација ја изработија активистите од охридскиот клуб за артивизам при Mладински центар Охрид во рамки на младинска акција „Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“ за подигање на свеста кај заедницата, особено кај младите за заштита на Охридското Езеро и животната средина.

„ Одлучивме да ја направиме оваа скулптура на која се покажани некои работи кои многу често се фрлаат во Охридското езеро и кои наместо да бидат таму би можеле да се рециклираат во нешто многу подобро. Можат да се направат уште мал милион вакви работи со коишто можеме и да си го разубавиме нашето секојдневие, а и секако да си го зачуваме нашето езеро да не ни биде загадено и да пливаме без грижа. “ – кажа Сара Петкоска, член на Артивизам клуб Охрид.

„Целта на нашата акција е да се подигне свеста, бидејќи знаеме дека ние го имаме Охридско Езеро како бисер кој не треба да го изгубиме. Ако продолжиме да го загадуваме ќе биде лошо за нас. Свеста кај младите е на многу ниско ниво и треба да се работи преку едукација затоашто ние како граѓани не сме свесни колку всушност го загадуваме самото езеро.“ – изјави Марио Ѓорески член на Артивизам клуб Охрид.

На штандот покрај едукативни материјали беше истакнат и QR код преку кој граѓаните имаа можност да споделат свои сугестии и мислења како да го задржиме Охридското Езеро чисто и незагадено.

„Од самиот QR код ние ги земаме идеите и секако ако се возможни гледаме да ги спроведеме.„ – вели Марио

„Би било многу добро да се пренесат мислењата и до надлежните и општо и ние да ги знаеме како активисти бидејќи доколку сме запознаени што сакаат луѓето околу нас можебе многу подобро да ја решиме самата проблематика.“ – смета Сара.

Артивизам клубовите се дел од програмите на Младинскиот образовен форум МОФ, а Младинскиот Центар како локалнен партнер ги реализираа предавањата за младите во Охрид.

„Свеста кај младите кои се активни во општеството е навистина на високо ниво. Покрај акцијата во Охрид за заштита на Охридско Езеро, цртавме мурал во Делчево за поттикнување на јавната свест за заштита на животната средина, во Скопје имавме интерактивна акција за климатски промени. Активните млади наоѓаат најразлични креативни идеи и начини како да стигнат до останатите млади во нивната заедница, па и повозрасните за заедно да ја заштитиме истата, изјави Нина Мирчевска од Младински образовен форум (МОФ).

Охридскиот клуб за артивизам е еден од 10-те во државава кои активно работат на создавање креативни и атрактивни содржини на општествено-релевантни теми кои се од интерес на младите. Проектот за млади кои активно создаваат можности го спроведува Младински образовен форум (МОФ) со поддршка на УСАИД.