Skip to main content

Во градската канализација се фрла и градежен материјал

 На екипите од Нискоградба дефекти во градската канализација им создаваат  покрај веќе познатите видови домашен отпад и  градежен материјал. Во фекалната канализација завршуваат и различни видови масла и масти. Ретки се индустриските капацитети и угостителските објекти кои  имаат поставено пречистителни станици и фаќачи на маснотии, информираат од ЈП Нискоградба. 

 |  Валентина Неловска  | 

Екипите на ЈП Нискоградба одчепуваат од градската канализација разни видови отпад кои прават дефекти во одведување на отпадните води. Во шахтите и во канализација завршуваат не само влажни марамчиња кои несовесните граѓани ги фрлаат туку и други предмети кои како нус продукти од индустријата и угостителските објекти. Најнова појава е фрлање во шахтите и канализацијата остатоци од градежните материјали, информира Нина Трендафилова, помошник директор за оперативни и технички работи во ЈП Нискогрдаба.

Поради експанзијата на изградба на станови голем дел од изведувачите дел од градежните материјали ги исфрлаат во канализација. Имавме проблем на улицата Даме Груев кој подолго време го решаваме.Тоа е од несовесност и исфрлање на лепаци и градежен материјал во шахтите кои го зачепуваат цевководот.“

Во фекалната канализација завршуваат и различни видови масла и масти на кои не им е местото во канализациониот систем. Ретки се индустриските капацитети кои го почитуваат Законот за водоснабдување и одведување на урбаните и отпадни води. Многу мал процент од нив имаат изградено пречистителни станици кои отпадните води ќе ги сведат на квалитет на фекална вода која ќе заврши во секундарната канализација до пречистелната станица во Враништа.

„Постојат законски решенија кои треба да се почитуваат. Има  дел на  некои објекти, но поголем дел, посебно кај угостителите кои треба да имаат посебни маслофаќачи,  немаат изградено. Некои од индустриските компании имаат, а дел не.“

ЈП Нискоградба имаат големи проблеми со зачепување, прегревање и дефекти на седумте пумпни станици во делови од градот. Пумпите се расипуваат и не се во состојба да ја спроведуваат водата заради заглвени предмети од домаќинствата како крпи, чаршафи и разни други видови предмети кои завршиле во канализациониот систем, а не во контејнерите за комунален отпад.