Skip to main content

Во итната медицинска помош има зголемен број на повици

Во овој период повиците најчесто се однесуваат на колабирање на граѓаните предизвикани од топлината, а интервенираат и на зголемен број на сообраќајни несреќи. Во летните месеци  се чувствува недостаток од персонал , а располагаат со доволен број амбулантни возила. Службата за брза медицинска  интервенција секојдневно се соочува со злоупотреба на  повици  од страна на несовесни граѓани. 

 |  Валентина Неловска  | 

Колабирање, влошување на хронични заболувања и сообраќајни несреќи се најчестите причини, деновиве, граѓаните да го повикаат 194 бројот на итната медицинска помош. Во овие летни горештини екипите за брза медицинска интервенција имаат зголемена фрекфенција на работа, информира д-р Љупка Николовска, раководител на Итната медицинска служба. Во континуитет, во летните месеци се чувствува недостаток од персонал во службата, но екипите максимално се организираат да одговорат на работата, кажува д-р Николовска.

„ Градот ни се дуплира и триплира за овој период, ние сме туристички град , водиме сметка да одговориме на сите барања на граѓаните и покрај тоа што обемот на работа ние далеку поголем. Ние сме тие, истите и во зима и во лето“, напоменува д-р Николовска.

Раководителот на итната медицинска помош појаснува дека располагаат со доволен број амбулантни возила. Во возниот парк имаат покрај старите возила кои постојано се трудат да ги опремуваат и одржуваат во функција, набавуваат и нови возила. Имаат 3 нови возила, едно се очекува наскоро, купено со сопствени средства од Здравствен дом, а до крајот на оваа година се очекува уште едно ново амбулнатно возило. Охридската итна медицинска помош има голем опфат на интервенции на потегот до Св. Наум, Пресека, Дебрца  Нивни екипи ги обезбедуваат сите јавни настани во градот. Екипите максимално се трудат да стигнат насекаде и да пружат лекарска помош, напоменува д-р Николовска. Службата за брза медицинска интервенција секојдневно се соочува со злоупотреба на повици од страна на несовесни граѓани. Полесно им е да повикаат брза помош дома отколку да го посетат својот матичен лекар, укажаува д-р Николовска и апелира граѓаните да бидат посовесни кога вртат 194 .Таа укажува на уште еден проблем со кој се соочуваат медицинските екипи при интервенции на терен.


„ Јас знам дека во тие моменти луѓето се збунети за д акажат точна адреса. Примаме дојави, дојдете кај Кам или Дон, а ги има повеќе маркети, па за да не губиме драгоцено време барајќи ја точната локација апелирам да се дава точна адреса, улица ,број, име и презиме и ако е можно некој ориентир каде да се упати возилото“, кажува д-р Николовска.

Доктор Љупка Николовска упатува апел до граѓните во овие летни месеци да внимаваат на своето здравје, како хроничните болни така и остантите. Да консумираат лесна храна, да пијат повеќе течности, да користат заштитни очила, капи и крем со заштитен УВ фактор, како и да не излегуваат без потреба од дома во текот на денот од 11 до 17 часот.