Во најскоро време се планира реновирање и поправки на училишните згради во Косел и Куратица
Меѓу бројните предизвици за подобрување на наставата во училиштата кои се под надлежност на ОУ Ванчо Николески во централното школо се планира изградба на спортско игралиште. Исто така, преку различни проекти ќе се набавуваат видео камери и нагледни средства.
Подобрување на училишните услови во 4 -те згради кои влегуваат во рамките на ОУ Ванчо Николески е предизвик на раководниот и наставниот тим. Во централното училиште Ванчо Николески од село Лескоец влегуваат и подрачните школи од трите блиски селски населби Косел, Куратица и Ливоишта. Станува збор за стари и руинирани објекти кои постојано имаат потреба од поправки и реновирање, вели Елена Ел Нади директор на школото. На школата во Куратица потребно е да се поправат олуците, а поалармантна е состојбата во подрачното школо во село Косел, по земјотресите кои го зафатија регионов во 2017 година, подвлекува Ел Нади.
„Во зградата во Косел во подрачното школо, настанале пукнатини во периодот на земјотресите. Сега почнува да се одронува дел од таваните. Во финансиските планови е внесено во најскоро време да го средиме “, посочува директорката на ОУ Ванчо Николески.
Меѓу бројните предизвици за подобрување на наставата во училиштата кои се под надлежност на ОУ Ванчо Николески преку различни проекти за централното школо се планира да се набават видео камери и нагледни средства за предметите географија, биологија, физика. Исто така, се планира и изградба на спортско игралиште.
„Нема сала во централната зграда па предизвик ние во најкраток рок да направиме едно игралиште за одбојка или кошарка. Барем во периодот кога е убаво времето часовите по наставата по физичко да се реализираат на тој терен“, дополнува Ел Нади за идните плановите во насока на подобрување на условите за одржување на наставата.
Инаку, во централното основно училиште Ванчо Николески настава посетуваат 250 ученици, додека во трите подрачни тој број е по 40 ученици во Косел , во Куратица има 15 основци и 2 ученици во Ливоишта.