Skip to main content

Во НП Галичица има бесправна сеча на шума на две локации

Од паркот поднесуваат пријави, казни има , но нелегалната сеча продолжува. Од НП предлагаат ефикасно спречување на нелегалнатa сеча само со заедничко дејствување на повеќе државни органи.

 |  Валентина Неловска  | 

Бесправна сеча на шумата во НП Галичица има на две локации. Едната е в долж граничната линија со Република Албанија која се должи на одлуката на двете земји да не поставуваат строга контрола на бесправната сеча, а втората е во атарот на село Велгошти, информираат од НП Галичица.

„ Имаше многу пати обиди од установата и други органи на државата , од МВР да се спречи бесправната сеча. Засега се безуспешни има бесправна сеча. Бесправната сеча е дел во атарот на НП Галичица, шумското стопанство Галичица како и шумското претпријатие Преспа – дрво од Ресен,“, вели Андон Бојаџи од НП Галичица.


Од паркот, напоменуваат дека иако редовно поднесуваат пријави, судот изрекува казни, но во справување со нелегалната сеча нема крај. Спасот во стопирање на нелегалната сеча на шумите на двете посочени локации го гледаат во заедничко делување со повеќе државни органи.

„ Најчесто сме поставени во позиција на тужибаба, народски кажано, немаме надлежности да поднесеме мерки. Нема изработено подзаконски акти да ни дадат овластување ние да казнуваме некого. Ние поднесуваме документи до другите надлежни институции. Има казни, редовно поднесуваме пријави“, напоменуваат од НП Галичица.

Но, сето тоа не е доволно за да се спречи уништувањето на шумите посебно пределите што припаѓаат во рамките на националниот парк. Еден дел од бесправната сеча на шумите се должи на лошиот социјален статус на локалното население, признаваат од НП Галичица.