Во Охрид годинава има 445 новороденчиња
Годинава на гинеколошкото одделение во Охрид родени се 445 новороденчиња, речиси идентично како лани. Процентуално, 56% од нив се женски, а 44% машки деца. Во охридската болница има доволно специјалисти , вкупно шест гинеколози, а четворица се веќе на специјализација.
„На нашето одделение моментално има шест специјалисти гинеколози, четворица специјализанти кои што во наредниот период ќе завршат со специјализација и ќе се вратат. Исто така имаме две докторки специјалисти по неонатологија. Вкупниот персонал на нашето одделение е 45 вработени, од кои 25 се медицински сестри останатиот ерсонал покрај лекарите се болничари и хигиеничари. Со еден збор сме добро екипирани”, вели д-р Горан Маркоски специјалист гинеколог.
Одделението за гинекологија и акушерство, кое е сместено во новиот оддел од болницата, има 16 болнички кревети и седум болнички соби. Две амбуланти, два ехо апарати, една родилна сала, една сала за интервенции и хируршка сала за оперативни зафати. Родилиштето прераснува во регионален центар, во него доаѓаат пациенти и од околните градови.
„Во последните години со оглед на тоа што на жалост околните градови ги затвораат своите родилишта во нашето одделение доаѓаат пациентки од околните ргадови со што нашата болница и конкретно одделнието за гинекологија и акушерство при општата болница од Охрид прераснува во еден регионален центар како што и заслужува нашиот град Охрид”, вели д-р Маркоски.
Заклучно со месец август годинава Охрид бележи негативен природен прираст од -46. И на ниво на држава природниот прираст е негативен, – 711 лица, односно за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Новинар Соња Рилковска