Во Охрид аплицирале над 400 корисници за обнова на документи за социјална помош
На еден ден пред истекот на последниот рок за обнова на документи за социјална парична помош, во Центарот за социјални работи Охрид досега аплицирале нешто повеќе од 400 корисници за продолжување на ова право. Бројката на пријавени апликанти нема голема отстапување во споредба со минатата година велат од Цeнтарот за социјални работи.
Утре петок 27 јануари е последниот ден за обновување на документација за остварување на право на социјална парична помош. Од Центарот за социјални работи истакнуваат дека обновата на докмунатацијата за примателите на овој вид паричен надомест е задолжителна, независно од тоа кога го оствариле правото на неа. Мира Врангалоска социјален работник во ЦСР Охрид вели дека постапката е стандардна а условите кои треба да се исполнат задолжителни.
„Странката е должна да пријави промена во семејството дали тоа е семејна материјална, дали има регистрирано моторно возило. Обновата се одвиваше во најдобар ред и до денеска имаат аплицирано 417 корисници, бројот е тука нема големо отскокнување, има нови барања, нормално“
Што се однесува до условите кои треба да ги исполнува апликантот, тие воглавно не се променети истакнува Врангалоска. Додава дека и Центарот по пат на службена должност има свои обврски да провери податоци во УЈП и МВР.
„Ние мора да појдеме и на увид, самата странка изјавува дали има заштеди, закупнина или дивиденди и сл. и после извршениот увид се донесува решение позитивно или негативно. Kој нема да изврши обнова од постоечките корисници правото му престанува и не може да го оствари во наредните 6 месеци“.
За остварување на правото на социјална помош корисниците еднаш годишно мора да ја обноват потребната документација во центрите за социјална работа, за да се евидентираат евентуално настанатите промени во материјалната и семејната состојба. Корисниците се ослободени од плаќање такаси при обезбедување на потребната документација. Врангалоска забележува дека од година во година се поретка е појавата нивните корисници да не пријават доколку настанува промена на имотната состојба. Таа нагласи дека во тој случај позната била казнената политика која е пропишана со Законот за социјална заштита, а која налага враќање на парите бидејќи се врши оштета на државниот буџет.