Skip to main content

Во Охрид има деца од ранливата категорија кои сеуште немаат матичен број

Единствен начин да им се помогне за да се решат проблемите кои се јавуваат кај семејствата од ранливата категорија граѓани од Охрид е преку пријава во Центарот за социјална работа. Тоа може да го направи, СВР, родител, комшијата и секој граѓанин кој смета дека се загрозени правата на децата од овие семејства, велат од Центарот за Социјална работа.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Многудетните семејства со над 5 деца кои припаѓаат на ранливата категорија на граѓани се соочуваат со низа проблеми. Не ретко кај дел од тие семејства децата се среќаваат на улица голи, боси, гладни, истоштени дури и во доцните ноќни часови. И нормално тука се наметнува прашањето, кои се ингеренциите на Центарот за Социјална работа и останатите релевантни институции кои работат со ранливата категорија на граѓани.

„Немаме увид на ситуација значи мораме прво да имаме пријава, дали од МВР, родител, комшија од било кој за да можеме да покренеме постапка. Одма тимот оди на терен се утврдува ситуацијата се прави првичен разговор да се види како е и што со родителите за да се упати во потребното одделение за да може да се разговара

Еден од проблемите на овие семејства е немање на лични документи, изводи на раѓање и државјанства за децата, лични карти и државјанства за родителите, што пак претставуваат дополнителен проблем и пречка за склучување на договори за социјални станови. На ова неодамна укажа раководителот на Подрачната единица од АД за стопанисување со станбен и деловен простор Гоце Георгиевски.

„Јас јавно упатувам апел до социјалното во Охрид, да излезиме на терен и да увидиме бидејќи имаме ситуација каде што се случува да немаат матични броеви децата кои ги пријавуваат за живот. Претходно имале по 5 деца и сега се случува за 5 години имаат веќе 9 и наредно следува 1 фамилија чека и 10 то дете, а во 45 квадрати нема никакви услови за живот а згора не се и не се вработени што е најтрагично. Имавме една комплицирана ситуација во новите договори каде што во 2000 год ни пријавија 4 деца родени од исто семејство, а тие деца немаа ниту матичен број

Ајтен Мусли дипломиран социјален работник вели доколку тие семејства се обратат кај нив, им излегуваат во пресрет.

„Ние ја преземаме одговорноста со дозвола на родителот да сами по службена должност им извадиме извод на родени за да имаат матичен број

Мусли вели дека има многу механизми преку кои решаваат дел од горливите проблеми кај семејствата кои се под социјален ризик посебно кај оние кои имаат повеќе деца. Но признава дека постојат и проблеми за кои тие немаат многу ингеренции во нивното надминување, па отука ги повика од СВР Охрид на поголема соработка.