Во Охрид има доволно огревно дрво
Во Охрид има зголемена побарувачка на огревно дрво, обелодени директорот на охридското шумско претпријатие „Галичица“, Наум Будоски. Според него тоа се должи на успешната акција „Гора“ која појавата на бесправна сеча ја сведоа на минимум. Огревното дрво и годинава се продава по истата цена како и минатата година, потенцира Будоски.
Во Охрид има доволно огревно дрво за оваа грејна сезона. Нема место за паника тврди директорот на Подружницата на Шумското стопанство „Галичица“ Охрид, Наум Будоски.
„Бидејќи имаме постојан проток на дрвната маса како што слегуваат од нашите работилишта, не правиме залиха во шумските складови, бидејќи дрвото директно се испорачува до муштериите. Значи имаме доволно залихи во шумите во моментов по сечено дрво кое тековно го транспортираме, така да немаме никаков проблем да ги снабдиме граѓаните“ – тврди Будоски.
Како што информира Будоски во моментов имале 4000- 4500 кубици, во шума, кои секојдневно се дистрибуирале до корисниците. Годинешниот план на Подружницата на Шумското Стопанство „Галичица“предвидувал искористување на 27.000 метри кубни огревно дрво, кој до овој момент бил 80% исполнет, а директорот очекува негово надминување. Будоски обелоденува дека годинава имаат зголемена побарувачка на огревно дрво.
„Минатата година во акцијата „Гора“, која ја изведе државата на ниво на МВР, која сеуште трае, можам да кажам дека тие размери и тој зафат на бесправни сечи е сведен на минумум. И автоматски не можејќи граѓаните сега да се снабдат со поевтино дрво, кое до лани го купувале од дивите препродавачи сега сите дојдоа кај нас, бидејќи казните за таквите сторители се големи а исто така и за оние кои ќе го купат а знаат дека тоа дрво е од бесправна сеча“ – појаснува Будоски.
Директорот на граѓаните им соопштува една новина која годинава ја применуваат во нивната подружница. Кој има интерес сам да дојде да го пресече дрвото и да го плати по пониска цена.
Инаку, цената на огревното дрво останува непромената, 2450 денари по метар просторен е дабовото огровно дрво, 2370 е буковото од прва класа, но има и послабо огревно дрво кое чини 1850 денари. Во цената е вклучен и превозот до крајниот корисник, информира Будоски. Додава дека ова се официјалните цени на Македонски Шуми кои ги одредува Управниот одбор на претпријатието, а ги потврдува Владата.
{loadposition content9}