Skip to main content

Зачувување на статусот на охридскиот регион

Во Охрид ќе биде отворена канцеларија на УНЕСКО

Во Охрид ќе се отвора канцеларија на УНЕСКО. Отворањето на канцеларија е потврда на нашата политика за зачувување на статусот на Охридскиот Регион, порача министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска од Париз каде е на состанок со првите луѓе на телата на УНЕСКО. Министерката информира дека доставени се ажурираниот извештај за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион како заеднички документ со Албанија и извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките.
 |  инфодеск  | 
Костадиновска Стојчевска

Во Охрид ќе биде отворена канцеларија на УНЕСКО, најави денеска Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Министерката е во официјална посета на Париз каде оствари средба со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО за култура, и со директорот на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Лазаре Елоунду Асомо.

Со отворање на канцеларија на УНЕСКО во Охрид ги потврдуваме нашите заложби за јакнење, управување и промоција во зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион – истакна министерката Костадиновска Стојчевска.

Во годината кога одбележуваме 30 години од нашето членство во УНЕСКО, на средбата беа поздравени напорите меѓу владите и националните комисии на Република Северна Македонија и на Албанија во однос на имплементација на препораките на УНЕСКО, кои се однесуваат на Охридскиот Регион, вели министерката.

На состанокот Костадиновска-Стојчевска посочила дека Владата останува целосно посветена на успешната имплементација на Конвенцијата за светско наследство и во соработка со сите релевантни државни институции, општини, како и со граѓанското општество, ги интензивира напорите за имплементација на препораките што произлегуваат од одлуките на Комитетот за светско наследство и на реактивните мониторинг-мисии.

Министерката за култура информира и дека е доставен ажурираниот извештај за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион како заеднички документ со Република Албанија како и извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на Комитетот за светско наследство со стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030).

Костадиновска-Стојчевска истакнала дека сме свесни за потребата од понатамошни континуирани напори во согласност со препораките и изразила надеж дека на 45. сесија на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, ќе се усвои одлука со која природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе остане на листата на светското наследство.