Skip to main content

Во Охрид на пладне се роди машко бебе новиот жител во 2018 година

Во Охрид на пладне се роди машко бебе новиот жител во 2018 година. Во општа болница на одделението на  гинекологија се роди првото момче, а два часа подоцна на свет дојде и женско бебе. Во посета на двете бебиња и мајки дојде охридскиот градоначалник и им посака здравје и среќно детство и им  врачи  подароци. 

 |  Валентина Неловска  | 

Во  11 часот и 49 минути на одделението на гинекологија на свет дојде првиот жител на Охрид во 2018 година. Мајката Катерина Глигороска роди машко бебе. Бебето е трето дете во семејството Глигороски. За текот на породувањето се погрижи медицинската екипа на чело со д-р Мимоза Влаши.

„Првото бебе во 2018 е машко од мајка третородка спонтано породена со телесна тежина од 3520 грама и должина 51 цм. И бебето и мајката се во добра состојба. Има и второ новороденче женско од мајка третородка со царски рез. И двете родилки се во добра состојба“ кажа д-р Влаши.

Два часа по раѓањето на првото машко бебе, со царски рез на свет дојде и женско бебе од мајката Мерита Сулејманоска.

Во посета на првите две новороденчиња во оваа година дојде градоначалникот Јован Стојаноски. Градоначалникот со претставници од Локалната самоуправа им изрази искрени желби за здравје и среќа на новороденчињата и мајките и им врачи пригоден подарок од името на градот.

 

 


„Им посакаваме децата да се здрави и живи, да се среќни во своите семејства и да растат и живеат во здраво и среќно општество. Им подаривме чек во ист износ. И посакуваме плодна и бериќетна година за градот“, изјави Стојаноски.

Градоначалникот Јован Стојаноски посака во иднина да се раѓаат што повеќе деца во Охрид затоа што тие се нашето најголемо богатство.