Во Охрид нема СОС линија за лицата кои се жртви на семејно насилство
Членовите на Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените која функционира во рамките на Советот на општина Охрид бараат сериозно да се разгледа проблемот со немањето СОС линија за лицата кои се жртви на семејно насилство. Покрај отварањето ваква линија, членовите на комисијата ќе се ангажираат и за отварање шелтер центар во охридскиов регион.
Во Охрид нема СОС линија за лицата кои се жртви на семејно насилство. Единствената која функционираше во рамките на Женскиот центар „Бисера“ згасна пред неколку години поради немање финансиска подршка од локалната. Членовите на Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените која функционира во рамките на Советот на општина Охрид бараат сериозно да се разгледа овој проблем, нагласувајќи дека се поголем е бројот на жени, но и на мажи кои имаат потреба од стручна помош и совет поради трпење семејно насилство. Советничката Жаклина Лазаревска која е член на оваа комисија рече дека треба да се формира специјален сервис во кој ќе се ангажирани стручни лица кои ќе можат да им помогнат на оние кои се во кризни ситуации.
Во мали општини функционираат вакви сервиси, а камоли во Охрид. Ние мора сериозно да поработиме на ова прашање зошто Охрид е туристички центар со светско реноме, па треба така и да се однесуваме. Не смееме да ги игнорираме оние кои имаат проблеми во семејството, па дури се изложени и на насилство, вели Лазаревска.
Оливија Пирузева Јанева кажа дека Комисијата има одржано неколку состаноци, како и дебатна седница со претставници од релевантни институции кои се задолжени за решавање на овој проблем. Задоволна е што наишле на разбирање кај нив.
Ни ветија дека ќе се заложат за актуелизација на овој проблем. Тие во рамките на своите ингеренции, а ние во рамките на нашите, да направиме се за да им се олесни животот на жртвите на семејно насилство. Закажавме и други средби на кои ќе дискутираме на конкретни теми и проблеми, објаснува Пирузева Јанева.
Покрај отварање СОС линија членовите на комисијата ќе се ангажираат и за отварање шелтер центар во охридскиов регион како жртвите на семејно насилство би можеле да бидат згрижени и безбедни.