Skip to main content

Пронајди го волонтерот во себе !

Во Охрид одбележан Светскиот ден на волонтерството

Со дефиле низ охридските улици денеска беше одбележан 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството. Волонтерите се најблагородното и најчистото нешто во заедницата коишто без никаков надоместок за себе, своето време, труд и знаење ги посветуваат на оние на кои им е потребна помош, вели Сашо Точков, претседателот на охридскиот  црвен крст кој брои над 1000 волонтери.  Секој може да биде волонтер, само треба да го пронајде во себе тој хуман повик, велат од црвен крст.
 |  Маја Савиќ  | 

„Волонтерите се надеж за подобро утре“, „Волонтерите се движечка сила на Црвен Крст“, ова се дел од паролите кои беа истакнати на денешното  дефиле низ улиците  во Охрид по повод 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството. Секој може да биде волонтер, велат од охридската организација на Црвен Крст која брои над 1000 волонтери, од 3 годишна возраст во програмата Полетарче па се до 80 години во Програмата за грижа за стари лица.

17 годишната Сара Петковска  е волонтерка  која учествува во сите активности од ПХВ програмата, еколошки проекти  и е врснички едукатор. Вели дека волонтерството е хуман повик кој ја исполнува и изградува како личност.

„Младите треба да се вклучат во вакви активности бидејќи тоа пред се е надградба на самата личност, запознавање на многу нови луѓе, вклучување во општественото живеење. Мене ме исполнува и среќна сум што се вклучив. “ – вели Сара.

Пензионерот Слободан Пупиновски е волонтер 8 години, од самиот почетокот на Програмата за грижа за стари лица во Црвен Крст Охрид.

„ Сите што сме волонтери таму одиме да помогниме колку што можеме. Начините на помош се најразновидни, работиме како тим во корелација со помладите волонтери. Работиме со стари изнемоштени лица, им помагаме. Секоја завршена работа , па и самите контакти со тие луѓе многу ми значат, бидејќи и самиот се замислувам во нивна положба кога и мене ќе ми биде потребна помош, колку волонтерите обавуваат благородна работа.“ – изјави Пупиноски.

Со денешното дефиле укажуваме почит кон сите волонтери, кон сите оние коишто го вложиле својот труд, знаење, професионалност, стручност, желба и своето слободно време да помогнат на ранливите категории на луѓе, вели Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид.

„Волонтерите го сочинуваат она вистинското, она најблагородното, она што е искрено, чисто и наменето за оние на кои што треба да им помогне. Тие се движечката сила на нашата организација. Токму со ова дефиле сакаме да искажеме почит и да го свртиме вниманието на јавноста , на општеството, на заедницата , на институциите, колку е важно волонтирањето. И сите институции да создадат безбедни услови, креативни содржини и можности за волонтерите да можат да се искажат во своите средини и да бидат од корист за заедницата.“ – вели Точков.

Волонтерите  се вклучени во сите активности кои се организирани од невладиниот сектор, спортските клубови и Општина Охрид. Тие се важен сегмент  од Секторот за спорт, млади и невладини при локалната , вели раководителот на секторорот, Јоне Станковски.

„Она што го работиме, во делот на поддршката на сите спортски манифестации, којшто ги има Општина Охрид, волонтерите се значен сегмент во сите тие одржувања на спортски манифестации, а од друга страна, во делот на млади и невладини, како што знаете во Општина Охрид функционира Младинскиот Центар, каде што постои посебен клуб на волонтери, кадешто младите секојдневно се собираат, има разни активности во делот на волонтеризмот и се значаен сегмент во функционирањето на овој дел. Во секоја смисла, волонтерите се една основна клетка во функционирањето на сите овие значајни манифестации коишто се случуваат во Охрид. “ – вели Станковски.

И од Црвен крст и од општината велат дека во Охрид има голем интерес кај младите за волонтерство. На денешното дефиле покрај волонтерите на Црвен крст, учествуваа и  волонтерите од Охрид трчаТ, како и младинските организации од училиштата.