Skip to main content

Во Охрид прикажан македонскиот филм „Медена ноќ“

Во Охрид прикажан  македонскиот филм „Медена ноќ“.

 |  Валентина Неловска  | 
film

Пред охриѓани и голем број на гости на Институтот за филм Филмска академија во Охрид се одржа проекцијата на македонскиот филм „Медена ноќ“. На проекцијата присуствуваа  режисерот  Иво Трајков, продуцентот Роберт Јазаџиски, заменикот министер за образование Спиро Ристески, градоначалникот Никола Бакрачески.

filmРежисерот Иво Трајков  е професор и претседател на Сенатот на Филмската академија во Прага и  ќе предава и на Филмскиот институт во Охрид. Оваа образовна институција е резултат на негово повеќегодишно залагање во соработка со прашката филмска академија и  македонската Влада. Студентите кои веќе се запишаа на филсмкиот институт  два пати неделно  ќе учат од проекции на филмови, напоменува Трајков.

„ Конечно невозможната мисија се постигна. Минатата недела беше свечено отворена филмската академија, започнаа предавањата. Дел од  предавањата секако како што му доликува на еден филмски институт се филмските проекции. Имаме два пати неделно  филмски проекции. Едната проекција е на постари филмови во историја на кинематографија, а другата е  понови филмови“,  истакна режисерот и професор Иво Трајков.

filmskaНа Филмакста академија во Охрид се запишани дванаесет студенти, постдипломци од земјава и странство.Тие се стипендирани од Министерството за образование, а  ќе се образуваат во тригодишни студиски програми и тоа  на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција.
Јас верувам дека успешниот старт на Филмската академија ќе значи исклучителен напредок и промоција и за градот Охрид и за Република Македонија,  рече при тоа заменик минситерот за образование Спиро Ристески. Напомена на големиот интерес на студентите за упис на оваа академија.

„Имаше голем интерес и се продолжи рокот за апликација за 7 дена. Врз основа на поголем број на пријавени студенти е направена селекција на студенти. Професорите се задоволни од квалитетниот избор на студентите со кои ќе работат на филмската академија“, истакна Ристески.
Голема чест е за Охрид што токму во нашиот град  започна филмската академија и проекцијата  на филмот „Медена ноќ“ , истакна охридскиот градоначалник Бакрачески.  

„ Се надевам дека ваквите настани паралелно со работата на филмската академија ќе бидат зачестени, ќе ја збогатат понудата на Охрид во делот на културата и во делот на образованието“, подвлече  на промоцијата Бакрачески.
 
На работен состанок со официјални претставници на филмската академија  биле договорени заеднички активности кои ќе може да ги реализираат општина Охрид и академијата. Локалната самоуправа силно ќе ја поддржи оваа академија и таквата поддршка ќе трае во континуитет, кажа градоначалникот Бакрчески.  
Инаку, филмот “Медена ноќ“ е македонски кандидат за Оскар на Американската академија за филмови од неанглиско говорно подрачје. По премиерата на Скопскиот филмски фестивал и презентацијата на филмските маркети во Берлин и Кан, „Медена ноќ“ деновиве се прикажува на три меѓународни филмски фестивали  во Германија, Холандија и Грција.