Skip to main content

Во Охрид ракот на простата по број на заболени на 4-то место од малигните заболувања

Во општина Охрид ракот на простата по број на заболени од малигните болести го зазема 4-то место.  Процентот на заболени покажува  дека има потреба од воведување на превентивни прегледи. Во светот,  месец ноември се именува како мувембар,  кога мажите испраќаат порака за поголемо внимание кон машкото здравје.

 |  Валентина Неловска  | 

Во охридската Општа болница во 2017 година од малигни заболувања се лекувале 579 пациенти. Од нив кај 207 лица бил дијагностициран рак на простата или 36,1 процент, информираат од Центарот за јавно здравје. Стсистиката покажува дека од нив 51, 2 посто биле на возраст од 65 до 74 години, над 75 години биле 36,7 посто и 11,1 посто биле на возраст од 55 до 64 години, укажува д-р Слободанка Коцевска.

„ На 4 место по бројот на заболувањата е карциномот на простата. За него многу помалку се зборува од карциномот на матка и дојка, барем во нашата средина“, напоменува д-р Коцевска.


За малигното заболување кое ги напаѓа мажите споредбите од анализите за 2012 и 2017 година покажале дека не е голема разликата на бројот на пациенти кои се лекувале во текот на овие две години. 6,4 посто до вкупниот број на дијагностицирани неоплазми отпаѓаат на карцином на простата. Со анализите се констатира дека на удар се мажите меѓу 65 до 74 годишна возраст со 52 проценти. За среќа нема појава на карциномот кај возрасната група меѓу 35 и 44 години. Состојбите со заболувањето налагаат од воведување на превентивни прегледи и кај мажите , подвлекува д-р Коцевска.

„Покрај превентивните прегледи за колоноректален карцином, за рак на дојка како што е мамографијата за жени над 55 години и пап тестот за рано откривање на карцином на матка, беше во план да се воведат и некои анализи за карцином на простата. Фактот што е на 4 место по застапеност го потврдува тоа и потребно е да се обрне внимание на машкото здравје“, напоменува д-р Коцевска.

Во светот, месец ноември се именува како мувембар, кога мажите испраќаат порака за поголемо внимание кон машкото здравје, што не е случај кај нас. Во Центарот за јавно здравје не го обработуваат статистички морталитетот од ракот на простата и малигните заболувања поединечно туку се обработува вкупната бројка. Така минатата година од неоплазми во Охрид починале 88 лица.