Skip to main content

Во Охрид расте бројот на заболени од грип

Во Охрид се зголемува бројот на пациенти заболени од грип. Тоа се должи на зголемената фрекфенција на луѓе во градов за време на праниците со што се зголемуваат и можностите за пренесување на ова заразно заболување. Кулминација на ова заболување се очекува во февруари кога учениците започнуваат со настава.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во Охрид расте бројот на заболени од грип. Од Центарот за јавно здравје велат дека во текот на претходната недела биле регистрирани 45 нови случаи, а претходно имало само 10 до 15 неделно. Оваа бројка се должи на зголемената фрекфенција во градов за време на празниците со што се зголемуваат и можностите за пренесување на ова заразно заболување. Од Центарот кажуваат дека за сезоната на грип 2015-2016та набавиле 3000 вакцини и речиси сите се веќе потрошени. Има уште педесетина за сите оние кои сеуште сакаат да се вакцинираат.

Сите мислат дека после нова година не е погоден период за вакцинирање. Но одговорно тврдам дека сите оние кои сакаат можат и сега да се вакцинираат. Дури и кога е епидемија на грип може да се врши вакцинирање. Секако најдобро е вакцинирањето да се врши во октомври-ноември, но и сега не е доцна, вели Д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска.

Д-р Коровешоска објаснува дека наредниов период ќе биде уште покритичен за зголемување на бројот на лицата заболени од грип. Посебен проблем преставуваат и променливите временски услови. Високите температури како што се денес се погодни за размножување на вирусите, а пак ниските придонесуваат за граѓаните полесно да се разболуваат. Вообичаено пикот за заболување од грип е во месец февруари.

Со почетокот на учебната година ќе се зголеми бројот на заболени од грип , затоа препорачувам почесто проветрување на просториите, избегнување на групно собирање, земање витамини, често миење раце, како би се заштитиле од заболување од грип и доаѓање до некаква епидемија, вели Д-р Коровешоска.

Препорака од докторите е доколку граѓаните забележат некаков симптом кој наведува дека се работи за грип веднаш да се јават на лекар и да им се препише соодветна терапија. Да не се плашат да примат Тамифлу бидејќи тој лек нема некои докажани контраиндикации, а многу помага при ова заболување.