Skip to main content

Во Охрид се одбележа Меѓународниот ден на мирот

Во Охрид се  одбележа Меѓународниот ден на мирот.

 |  Валентина Неловска  | 

Светот е постојано соочен со закани за загрозување на човековата потреба од светски мир. Постојано доаѓаат вести за воени конфликти и насилство од разни делови на светот, а луѓето имаат потреба од мирен живот и просперитет. Заменикот градоначалник Ангел Јанев  на Меѓународниот ден на мирот,  пред присутните охриѓани и ученици на градскиот плоштад, се приклучи кон пораката на генералниот секретар на ОН Бан ки  Мун и упати порака до сите луѓе кои сакаат да направат нешто позитивно за идните генерации  да ја  почитуваат најскапоцената придобивка на едно општество, мирот. Притоа Јанев потсети на актуелните случувања во светот.

„ Од една страна едни сили го наметнуваат своето влијание директно и индиректно и испраќаат порака  различна од мировната порака. Тоа беше и поентата на обраќањето на генералниот секретар на ОН Бан Ки  Мун кој го истакна разочарувањето во светските лидери кои работат во насока да ги оправдаат своите делувања во светот преку глобалната политика на дејствување“, потсети  Јанев.
 
Темата на годинешното одбележување на светскиот ден на мирот е „Градење на блокови за мир“ . Мотото има за цел да ја одбележи 32 годишнината од усвојувањето на Декларацијата на Обединетите нации за мир меѓу луѓето и народите. Оганизатори на маршот на мирот се ветераните од војната. Сојузот на борци на Охрид и Дебрца, како рамноправен член на светската федерација на ветерани, осма година по ред ја има улогата на организатор на манифестацијата. Но, посакуваната помасовна  поддршка изостана и оваа годинава, истакна  Гоце Георгиески претседател на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца.
 
„Многу слабо. Секоја година повикуваме, но е истото. Пoвикот е до граѓаните, политчките партии, советниците, пратениците, граѓанските невладини организации, студенти,  но гледате. Ова е светска манифестација и мирот е насушна потреба на сите во светот“, истакна Георгиески.

Мирољубивите луѓе и воените ветерани од Охрид  упатија апел да престане оружјето, да се искорени насилството. Насекаде во светот да владее мир, благосостојба, соживот, пријателство, солидарност, политичка и етничка толеранција и да владее демократија, слобода на говор, право и единство за сите.
Исто така,  беше прочитана и пораката за мир на генералниот секретар на ОН. Пригодна свечена програма изведоа  учениците од неколку охридски основни училишта.