Во Охрид успешно реализиран проектот „Цветна библиотека“
Пред два дена во рамки на активностите кои се дел од промоцијата и развојот на мрежата на хортикултурните библиотеки во државата и пошироко во регионот НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го реализира проeктот од годишната програма за работа “ Цветна библиотека – хортикултурна библиотека“.
Регионалната средба и работилница на библиотекари од Охрид, Струга, Ресен, Битола, Кичево и Демир Хисар беше можност за размена на библиотечни практики и успешни приказни поврзани со хортикултурните содржини во установите.
Директорката на библиотеката, Христина Трпеска во своето поздравно обраќање кон учесниците и предавачите ја истакна важноста на иновациите во библиотечното работење, споделувањето на искуства од страна на библиотекарите и нивната меѓусебна соработка, со акцентот на развивање и деловни партнерски односи со локалната средина, каде граѓаните и локалната самоуправа можат да придонесат за подигнување на квалитетот на библиотечното работење, не само во градот туку и во целата држава.
Истакнувајќи ја местоположбата и значењето на градот Охрид во однос на неговото историско и културно минато, директорката се задржа на активностите поврзани со промоција на овие содржини преку соодветни библиотечни програми.
-Библиотеката се ребрендира во овој период, што понатаму ќе придонесе за нејзиниот попривлечен изглед преку рекламен материјал, банери, печатење на маици, капи, торби за книги, тоа ќе резултира со поголема препознатливост во средината, рече Трпеска.
Соработката со Паркови и зеленило при ЈП „Охридски комуналец“ ќе допринесе за развој на програмите кои кореспондираат со УНЕСКО Агендата 2030 за одржлив развој, каде токму библиотеките претставуваат клучен фактор.
Координаторот на проектот м-р Милчо Јовановски, виш библиотекар во своето излагање и претставување на проектот ги истакна напорите на нивната библиотека за добивање на дополнителен простор надвор од зградата и неговото уредување за потребите за реализација на библиотечните програми со хортикултурни содржини.
-Сакаме да сме библиотека, активен посредник во изградба на современото и еколошко живеење, овозможувајќи го побрзиот пристап до активностите со хортикултурна димензија, по примери кои ги реализиравме со помош на координаторот на регионалната мрежа на хортикултурни библиотеки м-р Јелена Петровска, истакна Јованоски.
На средбата беше заклучено дека од големо значење за библиотеките кои сакаат да го следат светскиот тренд на хортикултура е набавката на соодветна стручна литература која што ќе биде целосно во функција на барањата на граѓаните во однос на квалитетното користење на слободното време.