Во охридската чаршија утрово е исечено зимзелено дрво
Во охридската чаршија утрово е исечено зимзелено дрво. Комисијата за сечење дрва и овој пат констатирала труло стебло и дала одобрение за сечење. Јавноста се прашува дали продолжува сечата на садниците кај Летница за да се подготви терен за подигање на уште еден кат на комплексот.
Во раните утрински часови во охридската чаршија е исечено зимзелено стебло. Станува збор за бор кој растеше пред Вип во комплексот Летница. Ова не е прв пат да се сечат дрва околу овој комплекс. Минатата година на платото кај Летница беа исечени две дрва. Томе Џамтоски, портпаролот на ЛС, за новото исечено дрво информира дека е одтсрнето со одобрение на Комсијата за сечење на дрва.
„Во конкретниот случај стеблото е со длабока старост и со трулеж. Најдобро е што е одстрането и се разбира на барање на АД Охридтурис, се наоѓа на нивна кастастарска парцела. Побарана е дозвола, а стручна Комисија излегла на терен и констатирала дека е најдобро да се одстрани“, информира Џамтоски.
Џамтоски кажува дека нема ништо спорно и не законски во постапката на Комисијата.
„Целата постапка е запазена и нашата Комисија дала дозвола за одстранување на тие стебла. Не гледам ништо спорно што би требало да ја вознемири јавноста на тема сечење дрва. Ние како ЛС никогаш не би посегнале да исечеме дрва што нема да дозволи законот. Сите дејствија се законски“, тврди Џамтоски.
Објаснувањето кое ЛС го пласира при секое сечење на дрва редовно гласи дека наделжната Комисија утврдила дека стеблата биле трули. Ваквите изјави се прифаќаат со резерва и не поминуваат кај граѓаните. Тие споделуваат слики од стеблата кои не изгледаат трули. Граѓаните кои утрово ја испратија снимката до ТВМ тврдат дека стеблото било здраво и со чудење прашуваат дали продолжува уништувањето на белите дробови на градот или се подготвува терен за подигање на уште еден кат на комплексот.
Само минатата година беа исечени дрвореди кај Студенчишта, на Булевар Туристичка, на патеката Горица. Годинава до комиајата за сечење на дрва има дестици барања за увид по кои стручната служба ќе одобри или не сечење на дрва. Комисијата дава дозволи за сечење, но не и да се засадат нови садници на местата на исчените стебла.