Во охридскиот центар за социјални работи во тек е оглас за вработување на деца без родители
Во охридскиот центар за социјални работи во тек е оглас за вработување на деца без родители.
За невработените лица кои имаат статус на деца без родители и без родителска грижа сместени во установи, згрижувачки семејства или кои биле под старателски надзор, тече оглас за вработување. На овие лица, со посредство на охридскиот Центар за социјални работи им се овозможува помош за да им се олесни животот. На нив, покрај вработувањето, им се помага и за добивање на социјален стан и финансиска поддршка во текот на школувањето и студирањето. Од први септември веќе тече огласот за вработување на овие лица, информира Гордана Атанасовска од Центарот за социјални работи.
„Ги исконтактиравме децата до 18 години кои имаат таков статус. Голем дел од нив го напуштиле градот, се омажиле или оженале, или студираат, па не покажаа интерес за варботување. На четири деца кои аплицирале на проекот им помогнавме во собирање на документација и давање на информации, а резултати очекуваме по 30 септември“, напоменува Атанасовска.
Огласот го објавува Министерството за труд и социјална политика, а дури потоа ќе се распоредат по Центрите за социјална работа во градовите низ земјава. Огласите за вработување се за лица со завршено средно образование, напоменува Атанасовска.
„Се бара завршено 4 годишно средно образование за местата технички лица, за работење на приемен пулт, курири, а едно работно место е за завршено основно образование за хигиеничар“, кажува Атанасовска.
Досега, со вакви проекти, работа нашле две лица со високо образование. Огласите за вработување се различни и најчесто зависат од потребите на пазарот на трудот, напоменува Атанасовска.