Skip to main content

Во охридско од град се уништени градинарски и овошни култури

 Во  охридско од град се уништени градинарски и овошни култури. До општинската комисија за проценки од  штети има  јавувања од земјоделци и овоштари од Косел, Орман, Ливоишта, Лакочереј. Увидот и проценката на оштетениот род  ќе почнат утре.

 |  Валентина Неловска  | 

Во охридскиот регион силното невреме пропратено со град и ветер вчера попладен направи голема штета врз раноградинарски, градинарските и овошни култури. Невремето со дожд и град било краткотрајно, но било пропратено со силен ветар, кажуваат земјоделците и овоштарите кои претрпеа големи штети. Градот најсилно удрил на потегот од селата Орман, Горно и Долно Лакочереј, Косел , Ливоишта, Дебело поле каде што се јавува за уништен род на нивите, бавчите и овоштарниците.


„ Апсолутно е направена штета на сите овошки. Меѓу нив најосетлива е црешата и 90 посто од плодовите се оштетени. Годинава имаше проблеми и со слабото опрашување бидејќи има намалување на пчелите , но и она што беше опрашено ни го дотолчи градот. Штета.“, вели Ванчо Стојаноски овштар од Охрид.

Овоштарите посочуваат дека едно од најсоодветните решенија за спас од вакви штети е да се субвенционира поставувањето на мрежи за заштита од град. Апелираат владата да им помогне на земјоделците и овоштарите со воведување на кредитни линии.


„ Владата помага, но не може да претпостави во буџутетот колку земјоделци ќе аплицираат, кога и колку ќе добијат субвенции. Но со кредитна линија со грејс период од 1 година ќе може да се инвестира да ги поставиме , ние немаме готови пари, а веќе наредната година да ги вратиме парите на банките“, предлага Стојаноски како една од превенциите од град.

Првите пријави за штети пристигнале до општинската комисија за проценки на штети. Пријави има од земјоделци и овоштари од селата Косел, Орман, Ливоишта, Лакочереј, Дебело Поле. Увидот и проценката на оштетениот род ќе почне утре.