Во охридско преполовен родот на грозјето и јаболката
Во охридско преполовен родот на грозјето и јаболката. Лозарите ќе се соочат со намалување и на квантитетот и на квалитетот од бербата на грозјето. Пролетните мразеви и сушата направија пустош на лозовите и овошните насади. Најпогодени се лозјата во атарите на селата Требеништа, Мешеишта Лакочереј и Вапила. Во Косел пак околу 80 посто е преполовен родот на јаболката.
Преполовена годинешната реколта на грозјето во охридско од пролетните мразеви. Лозарите ќе претрпат големи загуби од годинешната берба на грозјето. Големи штети има врз локалните сорти грозје како што е вранецот, а како поотпорна на мразот се покажала сортата хамбург, информира агрономот Мирослав Трајчески.
„Ситуацијата не е сјајна родот е намален во зависност од регионот некаде од 50 до 60 посто. Погоден е регионот каде што гравитираат селата Косел, Лакочереј, Вапила. Штети има и во Требеништа и Мешеишта иако за нијанса помали, но и таму има големи штети и родот е преполовен“, вели Трајчески.
Во месец април, пролетниот мраз, предвреме собра половина од родот. Сушата, пак, ова лето го доуништи и онаа малку гроздов род што остана на пенушките.
„ Се надоврза и екстремната суша и има штети. Сушата влијаеше зрната да се мали, а количината на шеќер не е оптимална. Годинава се соочуваме со намалување и со квантитетот и квалитетот кој се очекува од бербата на грозјето“, напоменува агрономот Трајчески.
Пролетните мразеви не само што го преполови а родот на грозјето туку го намалија и родот на јаболката. Најголеми штети над 80 посто има на овоштарниците околу селото Косел , а преполовени се приносите на овошните насади во Требеништа и Мешеишта.