Во општина Дебрца ќе се градат две соларни централи
Во моментов во оваа рурална општина работат две – три мали и средни претпријатија. Локалната самоуправа покрај развој на руралниот туризам ќе се насочи и кон изработка на иновативни проекти со кои ќе аплицира за добивање средства од европските фондови.
Потенцијалите со кои располага општина Дебрца ќе бидат ставени на користење за локалниот економски развој на оваа рурална општина. Во таа насока, изградба на две соларни централи, се дел од адутите кои ги има локалната самоуправа, информира градоначалникот Зоран Ногачески. Општина Дебрца го презеде управувањето со градежното земјиште и по завршување на парламентарните избори, од на пролет, веќе се очекува да се преземат иницијативи за искористување на сончевата енергија.
„Сакам да потенцирам дека во завршна фаза сме со донесување на Урбанистичките планови, треба да се донесат архитектонски-урбанситички проекти за изградба на соларни централи на две локации, на површина од 50 хектари. Тие ќе бидат ставени на продажба на заинтересираните инвеститори за вложување во соларната енергија“, споделува Ногачески.
Можна е и опцијата, во зависност каква ќе биде одлуката на Советот на општина Дебрца, локациите да бидат издадени и под закуп, дополнува градоначалникот.
Амбициите на општината во Локалната самоуправа покрај развој на руралниот туризам се насочува и кон користење на искуства од земји челнки од ЕУ за изработка на иновативни проекти и аплицирање за добивање средства од европските фондови.
„Развојот на ЛЕР е ставен на искористуавње од она што е предност на Дебрца, а тоа се природните богатства, културно-историското наследство, а визијата не е само во развој на руралниот туризам туку и развој на земјоделското производство на органска храна“, подвлекува Ногачески.
Меѓу приоритетите на градоначалникот и неговите соработници, како и на Советот на општината е да се запре иселувањето на младите луѓе. ЛС ги стимулира младите со парични суми онолку колку што дозволува општинскиот буџет за склучување бракови и за секое новороденче. Минатата година за новороденчиња општина Дебрца субвенционирала и доделила 390.000 денари.